Во културно-социјалниот центар „Јадро“, а во соработка со галеријата „Грал“, е отворена самостојната изложба „1.000 добро изодени патеки“ на уметницата Елена Чемерска, која ја испитува променливата врска помеѓу телата, објектите и светот околу нас. Преку слики, текст и звук, Елена ги истражува темите на распаѓање и трансформација и постојаните промени што го обликуваат нашето постанување.
– Сликите не набљудуваат однадвор – тие се внатре во раскинот, внатре во трансформацијата. Сцената се одвива, границите исчезнуваат, плотта на светот се преконфигурира. Рабовите на телото се разлеваат во сликите на светот, а сликите, направени од истата ткаенина, се враќаат во телото. Искусувањето на овие платна е исклучиво телесно, повеќе е поврзано со дигестивниот отколку со когнитивниот систем. Мириси, киселини, мов, течни и полутечни состојби, состојби на постоење што не е од редот на познатото секојдневие, постоење што е возможно постанување, сплотување, без некаква пред одредена програмирана позитивна тенденција, без надеж, но и без страв – без ден и ноќ, како чиста иманенција – вели авторката.