Античкиот театар вечерва во 21 часот ќе блесне со гламурозниот настап на светски познатата сопранистка Анџела Георгиу која ќе го отвори 63.издание на фестивалот „Охридско лето“.
Оперската дива Георгиу пристигна во неделата на Меѓународниот аеродром во Скопје, а беше пречекана од Амбасадорката на Романија во земјава, Адела Моника Аксинте, од директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ и од селекторката на музичката програма на фестивалот Бисера Чадловска.
Најгламурозната оперска ѕвезда на денешницата Анџела Георгиу ќе настапи заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на извонредниот Романец Чипријан Теодорашку. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Таа се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.
Од дирекцијата на „Охридско лето“ велат дека сѐ е подготвено за почеток на уште едно издание исполнето со прекрасни уметнички креации и уметници кои ќе остават свој белег во фестивалската хроника.
– Од 12 јули до 20 август љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга .На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Св. Софија, Црквата Св. Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од над 20 земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија , Полска , Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, и секако, уметници од Македонија, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Пред почетокот на концертот, по традиција ќе биде запален фестивалскиот оган. Фестивалот за отворен ќе го прогласи е претседателот на Македонија, Стево Пендаровски кој е и покровител на оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, а обраќање ќе има и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Генерален спонзор на „Охридско лето“ е Македонски Телеком, а фестивалот од годинава преку соработката со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, и официјално станува дел од активностите за брендирање на нашата земја како туристичка дестинација.