Корица

Книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски неодамна беше објавена во издание на Институтот за македонска литература. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознатите или малку познати македонски жени со кои започнал развојот на македонското женско творештво („женско писмо“). На таков начин, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони.
Во книгата се дадени биографиите и се анализирани делата на Славка Динкова, Митра Миладинова, Ца­рев­на Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анас­та­сија Милошова, Евгенија Јанчулева, Јанка Каневчева, Ма­рија Зрнева, Султана Чикмакова и Олга Маџарова. Ис­­то така, накратко е даден осврт и кон записите, го­во­ри­те и пеењата на монахињата Параскева, ученичката Параскева Дим­кова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Како посебни прилози на крајот од книгата, за прв­пат се изнесени делови од нивните творештва, со цел од пр­ва рака читателите да се запознаат со нивните идеи и стил на пи­шу­вање. Така, свое место тука ќе најдат повеќе ста­тии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. Сите понудени дела се преведени или адап­ти­рани според правилата на стандардниот македонски ја­зик. На крајот на книгата се дадени прилози во вид на фотографии на авторките и фак­си­мили од нивните објави и ракописи.
Така, за нас е мошне значаен подвигот на Митра Миладинова, сопругата на Димитрија Миладинов, која заедно со ќерката Царевна Миладинова успеале да го зачуваат споменот за браќата Миладиновци; понатаму, Јанка Каневчева, љубовта на Гоце Делчев, се осмелила да пишува за „македонското прашање и феминизмот“, потенцирајќи ја борбата, на како што самата пишува: „македонскиот народ“; Евтимица Јанчева жестоко полемизирала со двајца нејзини колеги бранејќи ги правата на жените; Марија Зрнева во една наративна дописка опишала пожар во Воден; особено важно е откритието на младата ученичка Анастасија Милошова, чии ракописи се пронајдени неодамна и од која произлегуваат првата регистрирана запишана песна и првата пиеса на народен македонски јазик.
Освен биографиите на авторките и нивните дела, во книгата се разгледуваат почетоците на македонското женско творештво (женско писмо), појавата на женското образование, омилените книги на тогашната женска читателска публика и првите македонски женски просветни и книжевни друштва.
Според рецензентот, проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, оваа книга, како една од ретките монографии посветени на македонското женско писмо „претставува незаобиколна литература за натамошните истражувања што би се однесувале на облас­та на културната историја на Македонија и потесната дис­циплина – македонската литературна историја“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од XIX век и е добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“.