Oд печат излезе книгата „Госпоѓата со шешир“ на словенечкатa авторка Маша Огризек, во македонски превод на Иванка Апостолова Баскар. Издавач е „Македонски центар ИТИ/продукција“.
Г-ѓа Људмила е пензионирана учителка по шиење и една многу необична дама; таа тргнува со својот куфермобил и папагалот Ара Бела на патување полно со забавни авантури. Без сопирачки, двапати премногу и половина премалку, таа ќе отпатува во необичен киоск, ќе го продолжи патувањето низ шумата, ќе сфати дека секој што молчи може да полуди, ќе научи да плива и ќе се вљуби во морето; на крајот ќе се врати дома кај својот пријател, господинот Блазник. Таа ќе открие дека животот е пикник.
Маша Огризек (1973) е позната како авторка на рецензии, а во последните години се објавени и неколку нејзини сликовници и еден стрип-албум. Сликовницата „Слон на дрво“ беше номинирана за наградата „Кристина Бренкова“ во 2014 година. Објавува и во списанијата „Цицибан“ и „Галеб“.