Објавена „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска

Неодамна, во издание на издавачката куќа ВИГ „Зеница“, излезе од печат најновата поетска збирка „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска. Книгата содржи 85 песни поделени во 10 циклуси.
– Секоја од овие осумдесетина песни е испеана суверено, ерудитски поткрепено, преточена со високо мајсторство во лирски префинети стихови исполнети со епска сила. Таа моќна, витална енергија претставува непосреден ефект на начинот на кој Сузана В. Спасовска поетски ја толкува величественоста на Љубовта, Копнежот и Смртта, како најзначајни феномени и клучни координати на човечкиот живот. Наместо рутинската патетика со која толку често се версифицира Смртта, во песните од оваа исклучително значајна збирка, одѕвонува сонорниот пев на човекот херојски соочен со свеста за сопствената финалност; наместо да биде прикажана со ноторно озлогласената млака сентименталност и трогателната патетика, Љубовта е потврдена со печатот на својата кралска благородност и дигнитет, со сета онаа зашеметувачка магичност достапна само на висококултивираните духови – пишува рецензентот на изданието Ферид Мухиќ.

Книгата е поддржана на Годинешниот конкурс за финансирање проекти од културата на Министерството за култура на РСМ.
Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година, во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во моментот работи на својата докторска теза. Досега објавила шест стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, „Македонска книга“), „Смртно писмо“ (2004, „Блесок“), „Божествена жена“ (2006, „Темплум“), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, „Антолог“), „Пеперутка од пепел“ (самостојно издание, 2018), која била во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2018 и „Јазикот на светлината“ (2020, „Македонија презент“) за која ја добила наградата „Антев златник“. Минатата година излезе од печат самостојното издание на нејзината книга за македонскиот слободен стих „Слободата на стихот“, која претставува нејзина магистерска теза и која беше во најтесен избор за наградата за критика „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија „Пурпурни извори“, во издание на „Струшките вечери на поезијата“. Пишувала и објавувала книжевнотеориски текстови во периодиката. Работи како професионална лекторка и предавачка по македонски јазик. Од 2019 година е членка на Друштвото на писателите на Македонија.