„Брчки“ е насловот на новата графичка новела во издание на „Три“ што го привлече вниманието на книжевниот свет. Пако Рока е познат и наградуван шпански автор, кој преку љубовта, хуморот и хуманоста ја прикажува реалната и трогателна слика на последното поглавје од животот.
Станува збор за вистински ролеркостер од емоции преку гледање во обоените лица, простории и емоции и преку читање на нивните дијалози.
Во превод од шпански јазик на Наташа Сарџоска, читателите ќе го запознаат Ернест, главниот лик што боледува од Алцхајмерова болест и кој оди во дом за стари лица. Тоа е застрашувачко искуство за човек што животот во заедница го доживува како голем предизвик. Но, за среќа, ги прифаќа предизвикот и својата нова средина и решава да се бори против изолираноста и заборавноста.
Самиот автор при создавањето на оваа приказна поминал долго време во посета на домови за стари лица за да проникне во начинот на нивниот живот. Книгата има и филмска адаптација во режија на Игнацио Ферерас, која на нашиот фестивал „Синедејс“ во киното „Милениум“ ја доби наградата „златна ѕвезда“.
Книгата е наменета за возрасна публика поради емотивните теми со кои се занимава. Со овој наслов, „Три“ ја започна новата едиција „Нашите приказни“, која е поддржана од Европската Унија и е во дослух со европските автори што донесоа свеж бран во литературата.