Активности на МНТ во 2025-та

Македонскиот народен театар е во преговори за организирање иновативна работилница за тон и светло, наменета за театарските професионалци во нашата креативна заедница во рамките на годишната програма субвенционирана од Министерството за култура.
– Како театар што е силно посветен на унапредување на квалитетот на изведбите и поттикнување на уметничкиот развој, ја препознаваме клучната улога на дизајнот за тон и светло во создавање убедливи наративи на сцената. Сигурни сме дека експертизата и иновативниот пристап на компанијата од Финска кон уметничкиот израз ги прави совршен партнер за остварување на нашата цел – организирање квалитетна работилница. Пролетва ќе дискутираме за датумите и форматот на работилницата, која ќе се одржи во летниот период.
Со нетрпение ја очекуваме можноста за соработка со sadsongskomplex:fi за создавање незаборавно искуство за сите вклучени – велат од МНТ.
Театарот потпиша и неколку меморандуми за соработка што ќе се реализираат во тековната година, меѓу кои се: Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ), Националната опера и балет (НОБ), со Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА – Скопје, како и меморандумот за соработка со Факултетот за музичка уметност – Скопје, (ФМУ).

– Од меѓународните, посебно ги издвојуваме потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар од Будимпешта, Унгарија. Со овој договор, Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, како и уметници и идеи, и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.
Во рамките на оваа соработка, двете институции ќеорганизираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има цел да ги зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници. Исто така, продолжи и се зајакна соработката со Црногорско народно позориште, кое, по речиси десет години, повторно ќе гостува во Македонскиот народен театар – велат од МНТ.

Во МНТ помасовна е театарската публика постара од 30 години, која веќе има изградено редовна навика за посета на театарски претстави. Но досегашното искуство, исто така, покажува дека учениците од средните училишта редовно ги посетуваат претставите, кои се секако наменети за нивната возраст.
– Нашата цел е генерацијата младинци почесто да го посетува Македонскиот народен театар, со што ќе ја разбуди сопствената имагинација и ќе си отвори нови видици за нови перспективи. Имено, во нив ќе се пробуди чувство да ја чуваат и да ја негуваат културата. Преку обликување на поединецот, кој ќе ги проширува видиците, буди емоции и ја развива креативноста. Преку посетите на театарот, тие развиваат критички умови, храбри гласови и ангажирани и општествено одговорни граѓани. Преку уметничката креација, тие не само што го одразуваат светот туку тие ќе го обликуваат она што доаѓа. Во тоа име нашиот слоган одлучивме да биде „МНТ – приказни поголеми од времето“ – велат од театарот.
Програмата за летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе почне од 10 и ќе трае до 20 јуни и ќе биде во рамките на „80 години Македонски народен театар“. Концептот оваа година ќе биде насочен кон концертни настани на македонски изведувачи.

В.Д.