Со 20 фотографии во голем формат со најубавите планински пејсажи од Македонија и италијанските Доломити, Влатко Рафески ќе се претстави на првата самостојна изложба на фотографии „Македонија виа Италија”, која ќе се отвори на 3 мај (среда) во Културно-информативниот центар Скопје. Фотографиите ќе бидат изложени во салонот Империјал1, а изложбата ќе биде отворена во 20 часот.
Влатко Рафески со пејсажна фотографија се бави повеќе од 12 години, но љубовта кон истата трае многу подолго. Со пејсажите е вистински амбасадор на убавините на природата, посебно на убавините на Македонија, но низ неговиот објектив имаат поминато и голем број на пејсажи од други земји.
Неговото портфолио носи голем број на признанија како од Македонија така и надвор од неа, вклучувајќи учества на бројни фотографски манифестации, светски конкурси на фотографија (35 awards, World Photography Organisation by Sony awards, International landscape photographer of the year, WPE и други), групни изложби, вебинари и предавања, фестивали и друго.
Изложбата ќе биде отворена до 15 мај 2023 година.