Европската радио-дуфузна унија (ЕБУ), денеска го објави списокот со имињата на 37 земји-учеснички на „Евровизија 2024“, што во мај, следната година, ќе се одржи во Малме, Шведска. Македонија втора година по ред ја нема меѓу учесниците.
На 68-то издание на овој престижен фестивал, што ќе се одржи од 6. до 9. мај, од државите од нашето опкружување ќе учествуваат претставниците на Србија, Хрватска, Словенија, Грција и нa Албанија.
Од земјите што ги немало изминатите години ќе учествуваат следната година пејачи од Белгија и Луксембург.
„Евровизија“ повторно во Шведска ја донесе Лорин , која победи на последниот избор со песната „Tattoo“. Со овој успех, заедно со Ирска, Шведска е земја со најмногу победи, вкупно 7 први места освоила секоја од нив.
Македонската Радио Телевизија издаде официјално соопштение во врска со нашето неучество на „Евровизија“ следната година и во него се вели:
„Македонската Радио Телевизија ја информира јавноста за донесената одлука, идната година да не учествува на Изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Малме, Шведска. Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи предвид дека Јавниот сервис идната година, со сите свои капацитети ќе се фокусира на одбележување на големиот јубилеј, 80 години Македонско Радио и 60 години Македонска Телевизија. Активностите за одбележување на големиот јубилеј ќе се одвиваат во текот на целата 2024 година. МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале“.
На евровизискиот сајт: есц. тудеј (esc.today) вечерва е објавено дека Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на „Евровизија“ официјално потврдила дека нема да учествува ниту оваа година, додавајќи оти жалат дека ќе не нема следната година меѓу учесниците.
Македонија на овој избор учествува до 1998 година, а наш прв преставник во Бирмингем, Велика Британија, беше Владо Јаневски со песната „Не зори зоро“ нма Григор Копров. Досега само девет пати сме влегле во финалето, а наш најдобар пласман е седмото место што го освои Тамара Тодевска 2019 година на „Евровизија“ што се одржа во Тел Авив, Израел. Таа многу впечатливо ја отпеа песната „Proud“ и навистина сите се гордеевме со неа.
Наш последен евровизиски претставник е Андреа, која на „Евровизија 2022“ ја отпеа песната „Circles“ на Александар Масевски.
Пред десетина дена сепак бевме дел од „Детска евровизија“, што се одржа во Ница, Франција, каде нашата преставничка Тамара Грујеска го освои 12-то место.