Денови на македонската музика
Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт во рамките на 47. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“. На програмата се „Девет минијатури за симфониски оркестар“ од Томислав Зографски, Прелудиум бр.2/Con Delicatezza од Панде Шахов, „The apple t(h)ree (to the unmercenaries)“ од Дамјан Темков, а премиерно ќе бидат изведени и делата „Дијада“ бр. 2 од Јана Андреевска и „Disturbance“ од Бојана Петровиќ Алексова. Диригент е маестро Томас Херцог од Швајцарија.
Во периодот од 2014 до 2024 година, Томас Херцог беше постојан балетски диригент во Театарот во Базел. Од 2019 година тој е чест гостин диригент на балетски продукции во „Семперопер“ во Дрезден и Државната опера во Будимпешта. Меѓу неговите неодамнешни деби-настапи се вбројуваат и концертите со Шпанскиот радиооркестар РТВЕ во Мадрид, Холандскиот национален балет во Амстердам, Нирнбершкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Виртемберг во Хајлброн, Националната опера на Рајна во Стразбур и Мулуз и Резиденцискиот оркестар во Хаг. Херцог има долгогодишна соработка (повеќе од 15 години) како редовен гостин диригент со Филхармонијата на Виртемберг во Ројтлинген, Филхармонијата на Монтевидео и симфониските оркестри во Мишколц, Сегед и Сомбатхељ, Унгарија.
Роден во Базел, Херцог, кој има унгарски корени, студирал удирачки инструменти, композиција и диригирање. Во 1997 година тој ја освои првата награда на натпреварот за композиција на Камерниот оркестар на Лозана. Како диригент, Херцог развива особен афинитет кон изведба на дела од шпански и француски композитори, современа музика и педагошки културни проекти. Неговиот балетски репертоар опфаќа класични ремек-дела, како што се „Жизел“, „Дон Кихот“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и современи танцови композиции. Како реномиран експерт, Херцог редовно добива покани за диригирање со реномирани ансамбли, како што се Радиооркестарот на Унгарија во Будимпешта, Државната филхармонија на Рајнска-Пфалц, Симфонискиот оркестар на Берн и Симфонискиот оркестар на Кипар.
Во сезоната 2024/2025 Херцог ќе дебитира во Германската опера на Рајна во Дизелдорф, музичкиот театар „Алто“ во Есен и во Операта во Рим, а исто така повторно ќе настапи во Дрезден и Будимпешта во неколку уметнички продукции.