„Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Исто како и слободата“, Г. Стефановски
Сеќавање
Небото како да беше одлучило да го потроши сиот дожд по патишта што како црни мамби се завиваа околу непрегледните планини. Се чудев, подобро речено, се восхитував на умешноста на шоферот да се справува со автобусот на кој му требаа пераи наместо пневматици.
Не светеа сите светилки над седиштата во автобусот. Онаа над мојата глава сееше скромна светлост врз причината што не ми даваше око да склопам. Ја читав Figurae veneris historiae, пиеса од Горан Стефановски. Во автобусот беа актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. На Фестивалот на актерот во Никшиќ – Црна Гора, учествуваа со претставата работена по пиесата што ја читав, во режија на Н. Поплавска. Доцна во ноќта допливавме до Никшиќ. Временските услови диктираа брзо повлекување на безбедна територија – хотелските соби. Во собулето, темно како во гроб, се присеќав на прочитаното од пиесата на Горан. Ми натежнуваше виртуелната книга на Магнус Хиршфелд. Онаа во која Горан Стефановски го нашол материјалот за личната творба. Страница по страница ми се отвораше книгата со која во реалноста можеби никогаш не ќе се сретнам. Си ги претставував експресионистичките цртежите на Георг Грос и Ото Дикс, не помалку вулгарните војнички разгледници, пропагандните постери, фотографиите на инвалиди и проститутки. Заспав со празен стомак, ама со глава полна ужаси.
Утрата во хотелските соби се кратки ако си сам и ако немаш интернет на мобилниот. Надвор сѐ уште врнеше. Громот удри откај социјалната мрежа регистрирана како Фејсбук. Ме исфрли од собата како од катапулт.
На некои од будните во просторијата за појадок, на оние што во мене препознаа суштество погодено од гром, им ја пренесов веста: Умрел Горан Стефановски.
Умрел ден пред пристигнувањето на актерите на Прилепскиот театар на фестивалот. Умрел ден пред актерите да му реплицираат од сцената во странство, на неговиот мајчин јазик. Од ударот на громот почнаа да чадат и нивните глави. Бегаа со прстите по тастатурите на мобилните, ама смртта беше неизбежна. Немушт е човекот кога е таа во прашање. Не ретко изигрувајќи „глупи августи“ ѝ изречуваме пресуда – да се протера од животот на великаните. По дождот, задува силен ветер. Толку силен што носеше сѐ пред себе. Можеше да го оддува и градот, само не и сеќавањата за Горан Стефановски. Се множеа небаре излегуваа од икрите на охридската мрена.
Кога првпат се сретнав со Горан, во канцеларијата на директорот на Драмскиот театар, во разговорот го персирав. „Не треба да се персираме кога се познаваме“, ми рече. И беше во право мајсторот што нѐ учеше и што понатаму ќе нѐ учи како и по што да се препознаваме, како и за што различието да не го гледаме како проблем, туку како решение. Трајче Кацаров