Во пресрет на „Млад отворен театар“

Четириесет и седмото издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ ќе се одржи во периодот од 10 до 19 ноември.
– Будно следејќи ги активностите на домашната театарска сцена, претставени преку несомнено големите заложби за истрајност, континуирано и иновативно дејствување, но и креативна пркос и оригиналност, пред сѐ на независната театарска сцена, програмскиот колегиум на МКЦ, како организатор на МОТ, одлучи да организира посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата продукција да воспостави и награда – велат организаторите.
Наградата ќе ѝ се доделува на најдобрата продукција во целост во период меѓу две фестивалски изданија, а ќе биде изразена преку копродукциско учество на МОТ во следното фестивалско издание, со своите техничко-логистички и кадровски потенцијали, и 3.000 евра директно финансиско учество.
Покрај главната награда, доколку се појави потреба, на фестивалското жири ќе му биде оставена можност по сопствено убедување да додели и друго специјално признание или награда.
Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на МКЦ, а жирито ќе биде составено од меѓународна комисија.
Наградата се доделува исклучиво за домашни продукции и мнозински домашни копродукции, а предност при селекцијата ќе имаат продукции што доаѓаат од млади автори, оригинални, неконвенционални и иновативни продукции.
– Ги повикуваме и охрабруваме домашните автори, трупи и продукции да се пријават за учество на 47. МОТ 2022, најдоцна до 19 октомври – истакнуваат од МКЦ.
„Млад отворен театар“ е фестивал што секоја година поставува нови театарски граници и што во своето повеќедецениско постоење израсна во своевиден бренд на овој град.