Театарската претстава „Казабалкан“ од Горан Стефановски, а во режија на Дамјан Костовски, учествуваше на меѓународниот театарски фестивал „Арт трема фест“ во Рума, Србија, и беше наградена со три награди.
– Добивме три награди „златна маска“ – за партнерска игра, за најдобра главна женска улога за актерката Мирјана Трпковска Костовска за ликот на Зора и за најдобар драмски текст, која постхумно му се доделува на Горан Стефановски за текстот „Казабалкан – вели Дамјан Костовски.
Во претставата играат: Мирјана Трпковска Костовска, Владимир Петровиќ, Васко Костовски, Горан Ников, Христијан Поп-Симонов, Марина Поп Панкова, Јана Вељановска, Димитар Паскоски и Саша Димитровска.
Креативниот тим на претставата е составен од Дамјан Костовски – режија, Екатерина Николовска – продуцент, Бојан Филиповски – композитор и Екатерина Добривојевска – сценограф.
– Стручното жири на „Арт трема фест“ беше составено од Зијах Соколовиќ – драмски уметник од Сараево, Босна и Херцеговина, и Ана Батева – режисерка од Софија, Бугарија, – додава Костовски.
Претставата беше премиерно изведена на 19 ноември 2024 година во „Кафе и филм Котур“, каде што моментално е на редовниот репертоар. Претставата се занимава со обичниот човек, кој не по своја вина повторно се наоѓа на тенката линија помеѓу животот и смртта. Оваа претстава на духовит начин ги отвора мрачните страни на човековата судбина и последиците од војната. „Казабалкан“ е драмско дело напишано во 1997 година од македонскиот драматург Горан Стефановски. С.Ј.