Од 15 септември до 11 декември, Институтот за исламски култури ќе ја претставува изложбата „Урбан текст, овој простор наречен Балкан“, кокурирана од Фалма Фшази и Беренис Салиу. Токму низ призмата на урбаниот простор изложбата ја прикажува комплексноста на Балканот, мултикултурна територија со променливи дефиниции. Јане Чаловски на изложбата се претставува со својата најнова инсталација „Ефектот на преостанатото“, која е слика на архивата од поранешниот Завод за урбанизам и архитектура од Скопје, а која веќе не е присутна во јавниот домен.
Според социологот и политички теоретичар Рејмонд Вилијамс, „преостанатото“ е нешто што „ефективно е формирано во минатото, но сè уште е активно во културниот процес, не само како елемент од минатото туку и како ефективен елемент на сегашноста“. Во таа насока, делото на Чаловски е покана за разграничување на темпоралноста на веќе непостојната архива. Наместо тоа, тој се обидува да го обликува интерпретативниот и отворен концепт на приспособување на знаењето надвор од јавноста и во доменот на интимноста и субјективноста.
Во текот на изложбата ќе биде организирана јавна програма, која комбинира изведувачки уметности, тркалезни маси, музика и проекција на филмови што даваат преглед на културното изобилство и предизвиците на современиот Балкан. Дискурзивната програма ќе отвори прашања поврзани со демократската транзиција, постконфликтниот контекст и афирмацијата на уникатните културни идентитети. Научниот комитет на програмата го сочинуваат истакнатите Милена Драгиќевиќ Шешиќ, Сенка Ибришимбеговиќ и Наташа Петрешин-Бачелез. Генерален директор на Институтот за исламски култури е Стефани Шазалон. Изложбата ќе ја отворат Ана Идалго, градоначалничка на Париз, и други видни личности. Претставувањето на Јане Чаловски на оваа изложба е дел од годишната програма на здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектниот простор Прес ту егзит“ од Скопје.