Никола Кузелов, актер и сценарист

„Те дуа, жими мене“ е долгометражна комедија во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов. Филмот зборува за суштината на меѓучовечките односи. Тоа е социјална комедија што обработува плејада тематики, почнувајќи од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сѐ до вистинска љубов. Филмот ги набљудува под лупа различностите, сѐ со цел на површина да го извлече она што е заедничко меѓу нив, а тоа е човечката емоција што нѐ поврзува сите нас. Никола Кузелов го игра главниот лик Кокан. Покрај него, во главните улоги се јавуваат и Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска.

Од досегашните импресии, колку луѓето сакаат да гледаат социјална комедија како жанр?
– Со оглед на тоа дека сите ние живееме во „социјална комедија“, филмот со својата тематика и жанр бргу и лесно ја наоѓа својата публика бидејќи истата таа сака да ја види светлата страна на сивилото. За разлика од другите европски земји, ние имаме скромен филмски опус, и иако имаме низа квалитетни филмови, постои недостиг од жанровски филмови и публиката го чувствува тоа. Потребата за јасно определен жанр е очигледна кај обичниот гледач, а особено кога станува збор за комедија. Така што можам да кажам дека филмот е одлично прифатен од публиката.

Колку нашето општество се пресликува во филмот?
– Станува збор за целосно фиктивна приказна, измислени ликови и паралелен свет во кој постои железничка линија од Скопје до Албанија. Во приказната фокусот е ставен на ликовите, нивните мани и предности и меѓучовечките односи. Ако го погледнеме човекот како индивидуа, која е истовремено и креатор и дел од општеството, тогаш низ ликовите на коцкар, поп, мафијаш, пејачка, продуцент итн. се влегува во секоја пора на општеството одејќи до линија на сатира. Приказната крши стереотипи со тоа што ги носи до максимум или обратно, ги прикажува од нивната обратна страна.

Какви прашања сакавте да иницирате со филмот или какви вистини сакавте да обелодените?
– Станува збор за брза и динамична приказна полна со пресврти, а во неа акцентот е ставен на меѓучовечките односи. Главното прашање што го отвора приказната е до каде оди тривијалноста на тие односи обременета од статусот, верата, националноста, емотивната состојба и индивидуалните желби и пориви на засегнатите во тој меѓучовечки однос. Оваа приказна дава и одговор на тоа прашање, а тоа е дека кога индивидуите, кои се во корелација, ќе се исчистат од погореспоменатите тривијалности и кога во нив ќе остане чиста човечка емоција на површина испливуваат вистинските вредности.

Како се создаде ликот на Кокан?
– Креирањето на Кокан, протагонистот или поточно сврзното ткиво на групата протагонисти – Кокан, Двојка и Сакс, за мене беше вистински предизвик. Станува збор за комплексен лик со непредвидлив развој што бараше доста работа, особено ако земеме предвид дека е лик што е доста различен од мојот сензибилитет, па токму затоа голема беше задачата овој лик да се оживее во приказна каде што актерската игра мораше да се дозира со нијанси на гротеска за истата таа да профункционира без притоа да се сведе на скеч или да премине во театарски манир. Имав среќа и со партнерската игра со Атанас Атанасовски, па дуото Кокан – Двојка кликна уште на првите снимачки денови.

Како изгледа да се сними независен филм, со какви предизвици со соочувавте?
– Љубов! Дефинитивно љубовта и посветеноста на целата екипа го оживеаја овој филм и ги скрши сите пречки и бариери што се најдоа на патот. Она што особено ме радува е дека таа љубов се пренесе и на големото платно, а гледачите го препознаваат тоа.