Уникатно сценско доживување приреди вчеравечер на 63-тото „Охридско лето“ славниот американскиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович.
Две и пол илјадната публика на Античкиот театар во Охрид уживаше во неговата брилијантна ексцентричност, но и целосната чистина преку неговиот настап во „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” “, која е возбудливо дело на театарот, напишана и режирана од Михаел Штурмингер. Солисти на вечерта беа сопраните Чен Реис и Сузан Лангбејн, во придружба на Оркестарот на Виенска Академија и под диригентство на маестро Мартин Хазелбoк.
-Оваа претстава ја сакам како што ја претставивме бидејќи ги поврзува и театарот, и класиката, и глумата, а претставува нешто иновативно што ја привлекува публиката – рече познатиот актер Џон Малкович кој првпат настапува во земјава, токму на фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека фестивалот е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови креативни соѕвездија кои го обележуваат неговото место како најпрестижна уметничка сцена, но и како препознатлив уметнички симбол насекаде во светот.
– Изразувам благодарност до Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура за оваа исклучителна можност да уживаме во проект со светски познатиот Џон Малкович кој ќе остане запишан во фестивалската историја меѓу најславните уметници. „Охридско лето“ преку извонредното сценско доживување вечерва ќе понуди уникатност, совршенство и магичен амбиент – рече Поповиќ.
Американската вечер на „Охридско лето“ се одржува со поддршка од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија. Заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер, рече дека Американската амбасада има долга историја на соработка со „Охридско лето“, но и со многу други организации во Македонија со цел да ги засили врските преку програми кои ги поддржуваат македонското граѓанско општество и културните и образовни институции.
-Низ годините наназад, на сцените на „Охридско лето“ сме ги прикажале најголемите културни богатства, вклучувајќи ги госпел и џез музиката, преку настапите на џез легендите како Артуро Сандовал, класичниот виолинист и виртуоз Шломо Минц, и многу други. Тие можеби донеле американска музика во Охрид, но излегле со балкански песни во своите срца – кажа заменик-амбасадорот на САД, Мејер.
Холивудскиот актер со проектот „Вечер на Џон Малкович“, оценет како најексклузивен гостин на Охридско лето, предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан беа направени бројни резервации од целиот регион но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и од многу други земји.
Фото: Охридско лето