Почнувајќи од вечерва, во 20 часот (наредните проекции се на 3, 11, 17, 20, 24 и 27 февруари), на репертоарот на Кинотеката на Македонија е филмот „Триаголник на тагата“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд.
– Ретко кој филм од поновата продукција, како овој, успеа не само да ги освои побитните награди годинава туку и да пробуричка низ закоравените односи во либералните општества. Филмот на Остлунд дејствува просто, како мелем за антиглобалистите, анархистите и прекаријатот, но што ќе се случи ако пролетаријатот навистина еден ден дојде на власт во светот? Таа претпоставка се случува на една луксузна јахта – светот малку ќе попричека – а сатирата на Остлунд веќе ги освои „златната палма“ во Кан во мај годинава и повеќето главни награди на Европската филмска академија во декември 2022 година: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто така Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и со адреса во Данска) – велат од Кинотеката.
Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, наспроти „веселиот“ наслов, се обидува да ја измери тагата на војната. Филмот на Митевска, кој беше македонски кандидат за „оскар“, на програмата е денеска од 18 часот, на 7 и 20 февруари во истиот термин, како и на 8 и 15 февруари од 20 часот.
На програмата е и „Наследство“ на британскиот автор Дин Крејг со ѕвездените имиња Тони Колет, Ана Фарис, Дејвид Духовни, Кетлин Тарнер, Розмари Девит во актерската екипа. Сторијата е сосема вообичаена – две сестри сакаат да го добијат наследството на богатата тетка – но пристапот е сосем различен од мејнстрим-насловите, оценет како просветлувачки поглед на материјалниот свет на денешницата.
Француската кинематографија, пак, има нов адут, „Меч со две острици“ на веќе легендарната авторка Клер Денис. Љубовниот триаголник – во кој има и среќа и тага – го сочинуваат ведетите на француското глумиште: Жилиет Бинош, Венсан Лендон и Грегоар Колан.
„Сѐ во исто време“ на Дан Кван и Дениел Шнејнерт, пак, кој исто така ќе може да го види македонската публика во Кинотеката, ја раскажува сторијата за мултиверзумот, „простор“ во кој постојат наши верзии што поседуваат вештини што ние можеби би сакале да ги поседуваме. Холивудската актерка Мишел Јео го враќа својот некогашен актерски сјај во оваа луда авантура.
Целата програма за февруари може да се погледне на веб-страницата на Кинотеката на Македонија.