Фестивал за класичен балет и модерен танц се оддржува денес и итре во организација на ЈУ Детски културен центар – Карпош, а со поддршка на Градот Скопје.

-Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балтеската уметност и модерниот танц – вели директорката на установата д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.

Фестивалската програма опфаќа класичен балет и мноштво од современи стилови.
Низ двете фестивалски вечери публиката ќе има можност да проследи најразлични изведби на класичен и модерен балет од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, како и изведбите на балетската секција на Детскиот културен центар – Карпош и балетското студио „Балерина“. Оваа година за прв пат ќе имаме можност да ги проследиме изведбите гости од Конзерваториумот за музика и балет од Љубљана/Словенија и балетското студио Angels од Приштина/Косово. Со соло изведби ќе ни се претстават членови од танцовите студија „Анабела“ од Велес, „Магија“ од Пробиштип и „Денс студио Мак“ од Куманово, како и Јована Зајкова – слободен уметник и Оља Тодоровска.

-Таа разноликост на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација , запознавање со иновативната содржина во негување на танцот како уметничко средство на изразност како и оценка на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност – вели уметничкиот директор на фестивалот Маја Каревски, магистер по балетска педагогија.

Оваа година ќе се додели благодарница и статуетка за животно дело на Татјана Петковска, балетскиот уметник, која со својата работа дала голем придонес во балетската уметност. Статуетките и оваа година се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery кој е и главниот поддржувач на фестивалот.