Младата артистка Зарина Првасевда вечерва со почеток во 20 часот ќе го одржи својот прв официјален солистички концерт во Македонската филхармонија.
Концертот е насловен како „ЕХО“, а составен од 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови и уникатни аранжмани.
Според Зарина станува збор за традиционална музика со џез елементи, која на моменти потсетува на филмска музика, а е отпеана на македонски, албански, турски, српски и на бугарски јазик.
– Сакав да ја споделам музиката која што ја носам во срцето со публиката. Сметам дека со моите соработници овој албум го создадовме на начин кој верувам ќе допре до помладата публика, која што најверојатно не би имала шанса и прилика да ја спознае традиционалната музика – вели таа.
Зарина на коцертот ќе биде придружувана од нејзиниот ансамбл во состав: Филип Димишковски, Ратко Даутовски, Дејан Цветковски, Драган Теодосиев, Благојче Трајковски, Тони Арслан, Пенче Кралев, Филип Михајловски, Дејвид Демир. Како специјални гости на концертот ќе настапат Васил Хаџиманов, Александар Петров и Перија, како и други нејзини пријатели и колеги.
Таа планира слични концерти да одржи и во другите градови низ Македонија, најпрво во Охрид и во Битола. М.Т.