Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, во режија на Сузана Диневски, „Сузи Кју продукција“) е награден со две награди на „Арт филм спирит авордс“, во соработка со „Торонто филм магазин“ во Канада, за најдобра актерка за Сара Климоска и за најдобар актер за Филип Трајковиќ.
Наградите „Арт филм спирит“, во соработка со списанието „Торонто филм“, се за откривање нови меѓународни филмски проекти, талентирани уметници во духот на индифилм-кинематографија. Фестивалот има цел да ги препознае и промовира меѓународните таленти преку наградите ТФМ и „Арт филм спирит“, кои му се посветени на јазикот на кинематографијата како уметничка форма.
Ова ѝ е трета награда за најдобра актерка на Сара Климоска за филмот „Шеќерни луѓе“. Претходно ја освои наградата за најдобра актерка на „Киез Берлин филм фестивал“ во Германија и на „Реале филм фестивал“ во Италија.
Досега филмот има освоено шест награди на различни интернационални фестивали за краткометражни филмови. Филмот исто така е во селекција на 16 интернационални фестивали, во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија, Парагвај, Турција, Романија и Аргентина.
Филмот „Шеќерни луѓе“ е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју продукција“
Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.