Драмскиот театар Скопје, со монодрамата „Кармен“, денеска ќе учествува на фестивалот „Рута“. Гостувањата на членките од Регионалната унија на театри со своите претстави се реализираат со настап на отворената фестивалска сцена на Бриони, во Хрватска. Домаќин на летното издание на „Рута“ е театарот „Улисис“.
Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музичкиот проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји.
Учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е трет меѓународен настап на Драмскиот театар со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот „Рута“ во Сараево и на Македонското културно лето во Албанија.
Монодрамата „Кармен“, создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Есенското издание на фестивалот ќе се одржи во Скопје, во организација на Драмскиот театар, од 14 до 20 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри на регионот што се членки на Регионалната унија на театри.