Средба со познатата уметница Шејла Камериќ е закажана за денеска, со почеток во 12 часот, во „Чифте-амам“, по повод нејзината изложба во Скопје. Средбата ќе трае околу еден час.

Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметноста и културата од Белград, Бранислав Димитријевиќ.
Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура, и фестивалот за феминистичка култура и акција – „Прво па женско“, за првпат се реализира средба со Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата насловена „Доаѓаме со поклон“. Изложбата е во соработка со националната галерија „Чифте-амам“, која како и секогаш го промовира современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Наедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да ги проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, низ кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социокултурни перспективи на уметницата.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека, и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други, на различни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично „женски“ рутини: плетење, ткаење, работа низ градината; да се биде мајка; па дури и „да се биде“ подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамки на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла, зборот поклон, со англискиот спелинг bow, би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација, исто така, е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло-изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“), како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.