Црпам од изворот на италијанското и светското сликарство

597

АНИЦА КИТАНОСКА, СЛИКАРКА

Аница Китаноска, сликарка мозаичарка, завршила на Академијата за уметност во Равена, Италија. Својот пат го започнала во вевчанското основно училиште, а потоа школувањето го продолжила во средното училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, каде што и матурирала во 2018 година. Нејзини слики како средношколка биле изложени трипати на групни изложби во галеријата „Мала станица“ во Скопје, а откако лани дипломира на престижната Академија на уметноста во Равана, Италија, вратите ѝ се отворени и во галерии во повеќе европски градови. Брзо го научила италијанскиот јазик и веќе на два европски конкурси за сликарство ги доби втората и третата награда во конкуренција од автори од Европа и светот.

Дали семејната традиција ве поттикна да го изберете сликарството за професија?
– Искрено, го избрав уметничкиот пат од едноставна побуда што и моите прадедовци и дедовци, а и татко ми сега, биле и засекогаш остануваат вистински вевчански неимари. Во безброј градови на Балканот тие оставиле вредни објекти, чија убавина и по многу векови сјае со својата неповторливост. Точно тоа беше и мојот длабок мотив да отпловам во светот, поточно во Равена и да дипломирам на тамошната светски позната академија, а сега го продолжувам моето образование на постдипломските студии, повторно таму.
Какво искуство претставува за вас студирањето во Равена?
Податокот дека Академијата е стара над 200 години доволно зборува за каква и од каков ранг уметничка и образовна институција станува збор. Всушност, студирајќи таму, вие сте на изворот на италијанското и на светското сликарство. Во мојата генерација бевме шест студенти од Македонија и сите завршивме со успех. Но она што особено сакам да го истакнам е дека техниката за мозаик ја изучував дури три години од истакнатиот професор Даниеле Страда, а тоа многу ми помогна во мојата понатамошна афирмација. Така, во 2021 година учествував на 57. Интернационална изложба на новата кинематографија на филмскиот фестивал во Пезаро, Италија, а претходно ја добив втората награда „Пас“ од Меѓународната асоцијација на современи мозаичари, организирана од Националниот музеј во Равена. Меѓу 150 дела ја освоив третата награда за портрет на Данте Алигиери по повод 700-годишнината од неговата смрт. Во 2021 г. го освоив третото место за сликата „Автопортрет“ и добив награда од илјада евра, додека пак претходната година исто така освоив награда за сликата „Меморија“. Но мене особено ми е драго учеството на меѓународната изложба со наслов „Да живее Рембрант“ што се одржа во Амстердам. Имено, од 8.000 пристигнати слики, за изложбата беа избрани 575 дела од сликари од целиот свет, а меѓу нив беше и мојата слика, портрет на Рембрант.
Каде се гледате себеси во толку развиениот уметнички свет, особено што доаѓате од мала средина?
– Нема мала и голема средина во уметноста, најважно е да се има талент и со секој нов ден тој да се надградува, дополнува и проширува. Тргнав од Вевчани и среќна сум што и мојата прва самостојна изложба на слики се одржа точно тука, во моето родно место, на манифестацијата „Вевчанско културно лето 2018“. Тогаш се изненадив што промоторот, откога кажа повеќе за сликите, побара присутните да го поддржат во желбата кон моето презиме да го додадам и Вевчанска. Тој тогаш рече: „Каде што ќе биде Аница со своите слики, таму секогаш ќе биде и Вевчани. Затоа таа е и засекогаш останува за сите нас и со второто презиме Вевчанска“. Мило ми е што учествував и на нашите меѓународни ликовни колонии во Кочани и во Вевчани, зашто имав можности да се сретнам со многу почитувани колеги, чии творештва силно ги поддржувам и ги ценам. Нашата татковина Македонија е вистинскиот вруток и извор на таленти што треба да се поддржуваат, зашто со квалитет ја афирмираме македонската ликовна уметност.