„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“ на Јованка Денкова.
Овој труд на Денкова е книга за научната фантастика како феномен во книжевноста, но многу повеќе е книга за научната фантастика во современата македонска книжевност за деца и млади. Поимот и особеностите на научната фантастика, нејзината генеза и карактеристиките, класификацијата во македонската книжевност за деца и младина и преплетувањето на научната фантастика со други книжевни жанрови се главните тематски подрачја во оваа студија. Освен тоа, анализирани се и десет научнофантастични книжевни дела од македонските автори Стојмир Симјаноски, Томе Арсовски, Ристо Давчевски, Велко Неделковски, Михо Атанасовски, Зорица Русевска, Даниел Бибовски и Калина Малевска.
Книгата „Научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“ претставува втор дел (преработен, дополнет и надграден) од докторскиот труд на Jованка Денкова, одбранет во 2008 година на Филолошкиот факултет.
Јованка Денкова (1974, Штип), магистрирала и докторирала на теми од книжевноста за деца и за млади на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2008 година работи на Филолошкиот факултет, при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а била и продеканка за настава и деканка на истиот факултет. Од 2017 година е редовна професорка на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Факултетот, а ги предава предметите: Книжевност за деца, Европска цивилизација, Македонска култура и цивилизација и Македонската книжевност во 19 век, како и Литература за деца, Книжевност за деца и млади и Книжевност за деца. Авторка е на околу 200 научни статии од областа на книжевноста, особено книжевноста за деца и млади, на скриптата „Книжевност за деца“ (2011) и на „Практикум по книжевност за деца“ (2011) за студентите од прв циклус, како и на два електронски учебници за студентите од втор циклус: „Реалистична македонска проза за деца и млади“ (2014) и „Сказновидното во македонската проза за деца и млади“ (2015). Авторка е на неколку книги, меѓу кои: „Неколку навраќања кон детството“ (2017), „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ (2020), „Фантастиката во македонската книжевност за деца и млади“ (2021).