Верувам дека овој мој настап ќе биде само прв во низата следни концерти во Македонија, со желба дека волшебноста на оваа уметност во Скопје ќе продолжи со мојот настап и следната 2025 година, во Охрид, вели Шишевиќ
Младиот пијанист од Црна Гора, Симо Шишевиќ, ќе настапи на јубилејното 45. издание на фестивалот „Скопско лето“, на 25 јули, од 20.30 часот, во Музејот на револуционерната борба. Овој настап е негово прво претставување пред македонската публика.
– Би сакал да ја изразам мојата голема радост што ќе настапувам на годинашното издание на реномираниот фестивал „Скопско лето“. Наедно, мојот настап претставува мое прво претставување пред македонската публика. Ги поканувам сите заинтересирани љубители на музиката да присуствуваат на концертот и да ја слушнат мојата изведба на магичните дела од Брамс, Метнер и од Рахманинов. Верувам дека овој мој настап ќе биде само прв во низата следни концерти во Македонија, со желба дека волшебноста на оваа уметност во Скопје ќе продолжи со мојот настап и следната 2025 година, во Охрид – вели пијанистот.
Тој изразува благодарност за поканата до Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, која годинава слави 45 години работа, до директорот на фестивалот „Скопско лето“, Никола Глигоров, до Амбасадата на Црна Гора и Веселин Шљиванчанин за нивната поддршка во организацијата на овој концерт, а особено до почесниот конзул на Црна Гора, Милорад Андијашевиќ, кој се погрижил да обезбеди средства за неговиот престој во Скопје.
Според проф. Гордон Фергус Томпсон од Кралскиот колеџ за музика од Лондон, Симо Шишевиќ е „талентиран пијанист чија дисциплина и посветеност се втемелени и веќе ги поседува корените на силен виртуоз, а неговата техника, интелектуална љубопитност и музикалност инспирираат софистицирани интерпретации“.
Дипломира на студиската програма на Кралскиот колеџ за музика во Лондон со диплома во класата на пијанистот Гордон Фергус-Томпсон, а потоа продолжува кај познатиот британски професор Џон Бирн. Студира две години чембало и фортепијано со Џејн Чепмен и Џефри Говиер, како и диригирање со Питер Старк. Во неговата биографија е наведено дека е концертен пијанист на класична музика израснат во Бар, Црна Гора, каде што започнува да свири пијано од шестгодишна возраст. На 12-годишна возраст ја освојува Апсолутната награда на меѓународниот натпревар по пијано во Рим. Две години подоцна, на 14-годишна возраст, ја има честа да го претставува црногорското музичко наследство на конзерваториумот „Фредерик Шопен“ во Париз, Франција. На 17 години по првпат го има своето деби со оркестар, изведувајќи го концертот на Моцарт. Истата година, волонтира во акцијата на УНИЦЕФ за поддршка на домовите за запоставени деца во Црна Гора.
Со запишувањето на студиите во Лондон, започнува во континуитет со настапи на многубројни хуманитарни проекти, особено на оние што поддржуваат помагање на децата. Во овој период, како добитник на стипендија од Италија престојува на школување во Милано каде што ги продолжува своите магистерски студии во класата на Борис Берман. В.Д.