Програмата започнува на 17 март со панел-дискусија на темата „Библиотеката – срце на заедницата: 80 години култура, знаење и иновации“ и со промоција на книгата „Факсимили на роднокрајни автори“ и на каталог за Горан Стефановски
Националната установа универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Битола во чест на значајниот јубилеј – 80 години од основањето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, организира низа активности што ќе ги одбележат долгогодишната традиција, културната мисија и придонесот на библиотеката во зачувувањето и промовирањето на знаењето.
– Програмата започнува на 17 март (понеделник) со панел-дискусија на темата „Библиотеката – срце на заедницата: 80 години култура, знаење и иновации“ во Офицерскиот дом – „Јуроп хаус Битола“ во 12 часот. Истиот ден во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Факсимили на роднокрајни автори“ и на каталог за Горан Стефановски, во читалната „Горан Стефановски“ – потенцира директорката Емилија Стефановска-Давкова.
На 18 март (вторник), во 12 часот, ќе биде организирано доделување награди. Наградите се доделуваат како признание за посветените читатели, најдобрите библиотечни приказни, роднокрајните автори и благодарници за поранешните вработени, кои со својата љубов кон книгата и знаењето придонесуваат за збогатување на културниот живот и библиотечната традиција. Истата вечер, во 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Елисиски ехо: Поезијата на меморијата на слободата“ од авторот Игор Трајковски-Фоја, во просториите на библиотеката. Оваа книга доби меѓународна книжевна награда во Рим, Италија.
Одбележувањето продолжува на 20 март (четврток) со настан под наслов „Стихови што обединуваат“, посветен на Светскиот ден на поезијата. Настанот ќе се одржи во читалната „Горан Стефановски“ со почеток во 18 часот, со Македонското научно друштво. „Свечената академија“ ќе се одржи на 21 март со почеток во 19 часот, во Свечената сала на КИЦ-Офицерски дом – Битола.
– Овие активности се дел од свеченото одбележување 80 години постоење на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, потврдувајќи ја важноста на библиотеката како културен и образовен столб во заедницата – нагласи директорката на установата.