Ликовниот уметник Башким Меџити од Гостивар го започна претставувањето на својата „Патувачка изложба“ од градот Струмица, со изложба во Центарот за култура „Антон Панов“. Изложени беа вкупно 25 негови дела, кои во наредниот период треба да патуваат во Кочани и во Струга.

За ликовните критичари, Меџити е автентичен ликовен уметник со силен ликовен ракопис што твори во духот на апстрактниот експресионизам, кој од друга страна му дава широка слобода да ги крши правилата и да ги преминува границите. Тој е автор што ги сака и почитува слободата и творењето во движење затоа што за него сѐ се движи и менува, при што слободните потези на четката и шпаклата создаваат динамична композиција, понекогаш во моќни, а понекогаш како што вели самиот во омекнати топли бои. Во самиот процес на создавање на сликите тој вешто ги збогатува со цртежи барајќи графички пробив и контраст во хармонијата на слоеви со боја, тонови и текстура.

Освен во Македонија, Меџити трипати има изложувано во галеријата МЦ во Њујорк, потоа во Париз, во културниот центар во Софија и во галеријата „Прима“ во Берлин. Редовен професор по ликовна уметност е на Тетовскиот универзитет и еден од иницијаторите за формирање на друштвото на ликовните уметници „Драудакум“ во Гостивар. Учесник е на многу групни изложби, ликовни работилници и добитник е на повеќе награди и признанија од областа на уметничкото творештво во сликарството и скулптурата.