Фестивалот „Охридско лето“ со поддршка на Австриската амбасада во земјава вечерва ја организира традиционалната Австриска вечер на која ќе настапи музичкиот состав „Арпеџо“ од Виена.
Концертот на класична музика ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на репертоарот ќе бидат дела за виолина, виола, виолончело и харфа. Ќе настапат Леонард Фурда, прва виолина, докажан виолинист и член на Виенскиот камерен оркестар.
Втората виолина е Јохана Лакроа, слободен уметник која настапува како солист, но и со Камерната опера во Виена, со барокни ансамбли и различни камерни формации.
Публиката ќе има можност да ужива и во музицирањето на виолистот Ентони Гилберт од Мемфис, Тенеси. Од 2020 година живее во Виена и редовно настапува како член на Виенскиот камерен оркестар.
Со овој музички состав ќе настапи и виолончелистката Мара Ахлајтнер која досега има остварено бројни турнеи во Јапонија и во Европа со Оркестарот на виенскиот бал, а редовно настапува со Виенскиот камерен оркестар и Ансамблот „Контрапункт“ во престижните Музикферајн и Концертхаус во Виена.
Вечерва ќе свири и словенечката харфистка Тина Жердин која е дел од оркестарот на Виенската академија, на Виенскиот камерен оркестар како на Австро-унгарската „Хајдн Филхармонија“ и на оркестарот „Синхрон“. Често е ангажирана и во Виенската опера како и во други виенски оркестри. Како солист и камерен музичар Тина Жердин е активна најмногу во Австрија и Словенија, но и во други земји во Европа и Азија.


Изложба под наслов „Калиопе“

Фестивалот „Охридско лето“ и Австриската амбасада во земјава денеска организираат изложба со наслов „Калиопе- Жените во општеството, културата и науката“.
Изложбата ќе биде отворена во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот и 30 минути.
Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија на секаде во светот. Оваа изложба е потсетник на тоа колку жените напредувале, но и истовремено претставува и осврт на она што се уште треба да се направи за да се обезбеди еднаквост.
-Жените од Австрија често биле заборавани, занемарувани или маргинализирани во официјалната историја на својата земја. Оваа околност го зголемува значењето на изложбата, која е израз на заложбата да се прикажат последниве 200 години во светлина на биографиите за значајни Австријки, жени што со талентот, силата на волјата, храброста и борбеноста ѝ дале печат на својата земја и ја збогатиле. Со целосна свест за празнините, кои се делумно скандалозни, овде егземпларно ќе им се оддаде почит на нивниот живот и на нивните дела, кои сочинуваат најмалку половина од духовниот идентитет на Австрија.
На изложбата хронолошки ќе се рекапитулираат животните приказни на аристократки, уметнички, домаќинки на салони, научнички, активистки за женските права, политичарки, актерки, музичарки, режисерки и други жени. Временскиот опсег се протега од почетокот на XIX век до денес. Црвената нишка е еманципацијата на жената, со сите свои победи и порази. Низ историјата, жените се занимавале со уметничко творештво низ различни култури, иако нивните дела често биле непризнаени или заборавени. Тие во светот на историјата на уметноста, се претставени само во улогата на пасивни музи, нивната креативност и умешност засенети од машките колеги. Сепак, ова пасивно присуство на жените како објекти во уметничките дела на мажите ќе се промени кога храбрите жени ќе одлучат да станат активни уметнички учеснички. Со нивното присуство во уметничката сцена и преку нивните дела, за првпат се претставува светот гледан од „женска“ перспектива и се пренесуваат нивните лични искуства на платно. Оваа промена на парадигмата е видлива и во периодот на првите македонски академски уметници, каде жените пионерки имаа значајна улога во формирањето на траекторијата на современата македонска ликовна уметност. Катја Ефтимова, Кераца Николова, Лена Стефанова и Борка Аврамова стојат како примери на ова трансформативно движење. Со преминувањето на постoечките граници во свет доминиран од мажи, тие се етаблираат како пионери на современата македонска уметничка сцена – велат од „Охридско лето“.
Група жени визионерки ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи. Нивното пионерско присуство не само што го трансформираше уметничкиот пејзаж, туку служеше и како покана за други жени уметнички да се приклучат на движењето, засилувајќи го уметничкиот диверзитет во македонската современа уметност.