Билјана Петровска, пијанистка и аранжерка, неодамна го промовира својот нов албум „Здивот на вечната љубов“. Расположението на композициите на нејзиниот албум е спокојно, мирно, понекогаш медитативно и релаксирачко, на моменти и драматично

Билјана Петровска е пијанистка и аранжерка. Неодамна го промовира својот нов албум „Здивот на вечната љубов“ (The breath of eternal love). Ова е прв нејзин авторски албум инспириран од мелодиите и ритамот на македонски фолклорни композиции. Албумот е составен од шест композиции на кои како композиторка се потпишува Петровска. Тука се вбројуваат „Мечтаење“ („На Којник дуќан да имам“), „Молк“ („Го фатиле клети Турци“), „Самовила“ („Македонско девојче“), „Вечно твоја“ („Калино моме“), „Сон“ („Дафино вино црвено“), „Жед“ („Море сокол пие“).
Билјана е професорка по пијано и уметничка соработничка. Активно настапува како пијанистка – соло-пијано и со камерни состави. Членка е на дуото „Пан“, триото „ВивАрт“ и „Д квартет“. Настапувала во Македонија, САД, Франција, Србија, Бугарија, Хрватска, Португалија, Албанија.

– Идејата за ваков тип композиции се појави поодамна, но вистинската реализација почна во 2020 година. Креирањето на композициите се одвиваше во поголем дел за време на пандемијата на коронавирусот. Тој период мене лично ми беше турбулентен и исполнет со убави случувања, но и со многу неубави и тажни моменти. Но љубовта беше главниот двигател што донесе промени во мојот животот, кои ми помогнаа да проникнам во мојата душа и да пронајдам емоции и музички мисли за кои не знаев ни самата дека биле скриени некаде длабоко во мене. Создавањето на албумот се одвиваше на тој начин што најпрво ги компонирав и средував композициите, па по одреден период на созревање на напишаната музика ги снимавме – споделува Билјана.
Сѐ почнало како идеја за создавање композиции за пијано, кои би биле преработки на македонски фолклорни песни.

– Но кога почна да тече мојата музичка мисла, се создаде поинаков свет во кој композициите што ги создавав ги негуваа музичките мелодии и фрагменти од фолклорот, но добија своја индивидуалност, форма и мелодиски движења. На почетокот мојата идеја беше да создадам композиции за соло-пијано. Такви се „Самовила“ („Македонско девојче“), „Мечтаење“ („На којник дуќан да имам“), „Исчекување“ („Јовано, Јованке“). Но најверојатно поради мојата љубов кон камерното музицирање, во текот на моето креирање посакав да направам и композиции за камерни состави. Така, композицијата „Вечно твоја“ е направена за трио пијано, флејта и кларинет, „Молк“ за трио пијано, виолина и кларинет, „Сон и жед“ се за квартет пијано, виолина, флејта и кларинет – објаснува Петровска.
Расположението на композициите на овој албум е спокојно, мирно, понекогаш медитативно и релаксирачко, на моменти и драматично.

– Сметам дека може да ги карактеризираме како композиции во њу ејџ стил, иако не постои конкретна дефиниција за њу ејџ музичкиот стил. Преовладуваат чисти хармонии, мирни мелодиски движења, многу ретко разбранувани движења со користење ритмички уситнувања и потенцирање на специфичниот фолклорен ритам на ова поднебје. Албумот „Здивот на вечната љубов“ би можел да се опише како модерно њу ејџ музичко творештво, кое ве носи по далечните височини на планините, мирните теченија на реките, за потоа накратко да ве однесе по брзаците на таа река, која сега тече низ планински предели, ви опишува мирни, широки полиња, за потоа да ве однесе во кањоните на некоја планина каде што може да видите соколи и други ретки птици. За мене албумов е терапија за мојата душа, а верувам и се надевам и за слушателите – истакнува Билјана.

Секоја композиција од овој албум претставува слика за одредена љубов.
– Вибрациите што самите мелодиски мотиви ги пренесуваат се ведри, позитивни, иако често раскажуваат и за одредена болка и тага. Но во ниеден момент не се безнадежни. Пренесуваат музички оптимизам, верба и надеж во љубовта. Кога ќе навлезете во светот на музиката, без разлика дали е изведувачка креација или е светот на компонирање, кој е поинаква креација, и кога ќе се соочите и ќе го прифатите предизвикот својата душа да ја разголите и пренесете во својата креација, да не остане ништо скриено, тогаш сѐ што настанало како една мисла мора да постои како целина – потенцира Петровска.

Ова е нејзино прво чедо, преку кое посакува слушателите да го доживеат и почувствуваат тоа што е пренесено во композициите, односно приказната за љубовта.
– Со овој албум би сакала да ја пренесам мојата љубов и почитта кон музиката, кон луѓето, кон светот воопшто – дополнува Билјана.