Со овој дар изразуваме почит и кон наставниот кадар и вработените во училиштата, за нивните заложби за едукација и градење здрава младина којашто понатаму ќе инспирира, мотивира и создава, негувајќи го литературниот македонски јазик и продолжувајќи ги името и делото на својот патрон Блаже Конески, вели претседателот на фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, фондацијата „Д-р Михаил Левенски“ реализира неколкудневен проект, во кој беа опфатени основните училиштата што го носат името „Блаже Конески“ низ земјава.
– Д-р Левенски, низ збор и дела настојуваше да се поддржат и поттикнат младите, со цел да се придонесе да го бараат и најдат своето место и да го препознаат, вреднуваат и надградуваат своето „сè“. Овие книги се негов аманет и со голема радост и гордост ги даруваме. Со овој дар изразуваме почит и кон наставниот кадар и вработените во училиштата, за нивните заложби за едукација и градење здрава младина којашто понатаму ќе инспирира, мотивира и создава, негувајќи го литературниот македонски јазик и продолжувајќи ги името и делото на својот патрон Блаже Конески – изјави претседателот на фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ
Тој заедно со актерката Драгана Левенска и други членови на семејната фондација го осмисли и реализира проектот.

Фондацијата изразува благодарност, за препознавање на вредноста на проектот и сесрдната поддршка, до директорите на основните училишта: Ангелка Баракоска – ОУ „Блаже Конески“ во Прилеп; Сузана Настовска – ОУ „Блаже Конески“ во Скопје; Јованче Манасков – ОУ „Блаже Конески“ во Велес и Зурат Куртовски – О.У. Блаже Конески во селото Скудриње, Општина Маврово-Ростуше. Посебна благодарност упатува до психолозите, педагозите, македонистите и библиотекарите, со чијашто помош беше реализиран овој проект со кој се одбележува ново пријателство меѓу фондацијата и училиштата.

Училишните библиотеки и сите полуматуранти од основните училишта „Блаже Конески“ во Велес, Скудриње, Прилеп и во Скопје, добија на подарок вкупно 500 примероци од книгата „Како да станам свој“ од областа на психопедагогија, која Михаил Левенски им ја посвети токму на младите. Проектот се одвиваше со директна посета на училиштата од тимот на фондацијата, низ средби и разговори со раководниот и наставниот кадар, како и со учениците, секаде во согласност со протоколите, концептот и можностите, во училишни дворови, на игралишта или во големи училници, сали и поливалентни простори. Со оваа донација, сите полуматуранти заедно со свидетелството добија по една книга, со надеж дека таа ќе стане еден од нивните најдобри пријатели со кој полесно, посигурно и погордо ќе се пробиваат по патот на себеосознавањето и себеизградувањето.

Михаил Левенски (1942-2010) е психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ-драми и сценарија за филмови како на книгата „Како да станам свој“ – посветена на младите за себеизградување, мотивација и себереализација. Левенски е докажан хуманист, поборник за вистина, правда и човеково достоинство.

Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, основана во 2012 година од неговото семејство, продолжува да дејствува на полето на „човекољубието и природољубието“, под слоганот „Инспирирај, мотивирај, создавај“.