На програмата се „Варијации на тема од Чајковски“ од Аренски, „Серенада“ од Дворжак и „Класична суита“ за камерен оркестар, флејта и обоа од македонскиот композитор Томислав Зографски

„Филхармонија во срцето“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, во 20 часот, на кој ќе свири Камерниот оркестар на Филхармонијата. Диригентка е Дијана Имери Илкоска, а како солисти ќе настапат Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа).
Со овој концерт Филхармонијата се вклучува во чествувањето на два значајни јубилеи – 180 години од раѓањето на чешкиот композитор Антонин Дворжак и 160 години од раѓањето на рускиот композитор Антон Аренски. На програмата се „Варијации на тема од Чајковски“ од Аренски, „Серенада“ од Дворжак и „Класична суита“ за камерен оркестар, флејта и обоа од македонскиот композитор Томислав Зографски.
Рускиот композитор Антон Аренски (1861-1906) ги напишал „Варијациите на тема од Чајковски“ во 1864 година и тие претставуваат емотивна посвета на Петар И. Чајковски. Првобитно напишани за гудачки квартет, „Варијациите на тема од Чајковски“ по премиерата доживеале исклучителен успех, па Аренски ги адаптирал за гудачки оркестар. Оттогаш се изведуваат многу често на концертните подиуми и важат за негово најпознато дело. Варијациите се во корелација со целокупниот творечки импулс, препознатлив за романтичарската музичка мисла на Антон Аренски. По претставувањето на темата следуваат седум варијации и кода што ја обработуваат главната музичка идеја на разновиден начин, преку мотивски поигрувања, ритмички и динамички контрасти. Делото целосно го одразува духот на музиката од Чајковски, тоа е рефлексија на нејзината есенција, спакувана во авторските контури на Аренски.

За чешкиот композитор Антонин Дворжак, 1875 година била среќна и продуктивна. Австриската влада го наградила со годишен паричен надоместок, и брзо напредувал со финиширањето на неколку композиции. Во март 1875 година го завршил Гудачкиот квинтет во Ге-дур, но не бил целосно задоволен од крајниот резултат. На 3 мај започнал да работи на второто дело за гудачи, „Серенада“, кое го завршил за 11 дена. Требало да биде изведено истата година во Виена, но тоа не се случило. Делото премиерно се извело во Прага во декември 1876 година. Иако дотогаш Дворжак имал напишано неколку симфонии, „Серенадата“ била прво дело што имало голема популарност кај публиката.
Дијана Имери Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистентка на маестро Саша Николовски-Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки, кој упати голем број пофалби за младата диригентка. Како студентка ја остварува својата прва соработка со Македонската филхармонија. Носителка е на голем број награди во повеќе дисциплини. Остварува соработка со голем број солисти, меѓу кои Дино Имери, Бојан Илкоски, Ивана Коцевска, Роланд Сентпали (Унгарија) и интернационалниот Дувачки камерен оркестар. Им асистира на реномираните диригенти маестро Јерухам Шаровски (Израел) и маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија), кој за неa ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент што може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“