„Дигитализација и архивирање на партитурите од творештвото на композиторот Љубомир Бранѓолица“ е насловот на проектот што содржи 153 дела со класична музика и претставува само еден дел од творештвото на еден од најплодните македонски композитори. Ова е првиот чекор што следува во понатамошната дигитализација на другите дела на овој композитор, чија бројка е близу 400 дела од областа на балетската музика, симфониски дела, камерни дела, оперска музика, мјузикли, солистички дела, камерни дела, дела од популарната музика, музика за деца, музика за филм, музика за театар.
Авторот на овој проект, Андреј Блажевски, потенцира дека ова претставува значаен потфат за трајно зачувување на делата на овој значаен композитор, со што ќе се намали ризикот од нивно евентуално губење и уништување доколку останат само во хартиена форма. Точниот број на дела сѐ уште не е познат, поради тоа што одреден број дела не се воопшто изведени.
Дигитализираниот материјал им е даден на Сојузот на композитори на Македонија, на Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ и на Архивот на МАНУ.