Панел-дискусија со наслов „Театар без мирис и вкус – Обиди за адаптирање и воспоставување нови театарски практики“ ќе биде одржана денеска со почеток во 12 часот, а нејзиниот видеопренос ќе биде достапен на профилите на организаторите: „Јуроп хаус“ и Факултетското студентско собрание – ФДУ.
– Денот на театарот го одбележуваме надвор од сцената, меѓутоа со дискусија со која целиме да направиме осврт и размена на искуства, кои, се надеваме, ќе послужат во понатамошниот развој на македонскиот театар – велат организаторите. Како говорници се најавени: проф. Мими Таневска-Србиновска, деканка на Факултетот за драмски уметности, Кристина Леловац, актерка и доцентка на истиот факултет, Сашо Димоски, драматург и директор на велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“, актерката Наталија Теодосиева, режисерката Билјана Радиноска и Александар Јовановски, студент по театарска режија. Модераторки ќе бидат Јована Спасиќ и Енџи Николска, студентки по актерска игра.