Кои биле жените што ги заслужиле гробниците што денес ги посетуваат голем број туристи?

„Таџ Махал“
Мавзолејот во Агра е најпознатиот споменик во Индија и претставува возвишен храм на вечната љубов. Го изградил могулскиот цар Шах Џахан во периодот од 1632 до 1647 година, посветувајќи ѝ го на својата омилена жена, Мумтаз Махал, која умрела раѓајќи го нивното дете. Според некои процени, во изградбата учествувале повеќе од 22 илјади луѓе. Тука спаѓаат сликари, каменоресци и многу други занаетчии и уметници. Во различнo време на денот и ноќта, во зависност од тоа како сонцето и месечината ја осветлуваат градбата, „Таџ Махал“ изгледа како да е во различни бои. Некои тврдат дека тие смени на бојата го отсликуваат променливото расположение на жената, а особено на Мумтаз Махал.

Мавзолејот на света Елена
Флавија Јулија Хелена, царица Елена или Елена Цариградска, како што ја запомнила историјата, му била мајка на царот Константин Велики. Умрела на крајот на 328 или на почетокот на 329 година. По смртта, остатоците на Елена се пренесени во Рим каде што се погребани во мавзолејот, кој, со црквата на светите Марселин и Петар, претходно го подигнал Константин и го одредил за свое гробно место. Моштите на Елена денес не се наоѓаат во мавзолејот што го носи нејзиното име. Дел од нејзините посмртни останки се пренесени во Цариград и се погребани во царскиот мавзолеј при црквата „Свети апостоли“, каде што е погребан и нејзиниот син.

Базиликата „Санта Марија Маџоре“
Базиликата „Санта Марија Маџоре“ е една од четирите главни базилики во Рим и претставува една од најважните станици на верниците што доаѓаат од сите краеви на светот. Базиликата ја изградил папата Систо Трети, меѓу 432 и 440 година, а е посветена на култот на Марија. Според легендата, откако Марија му се појавила на сон на папата Либериј, му рекла дека соодветното место за црква ќе му се укаже како чудо. Во тек на лето во Рим имало снег на врвот на ридот Есквилино. Кога Папата сфатил што се случило, лично во снегот обележил темели за црква. Овој настан се одбележува секоја година на 5 август со фрлање ливчиња од бели ружи од куполата на базиликата.

Гробницата на Шангуан Ванер
Шангуан Ванер живеела помеѓу 664 и 710 година за време на владеењето на династијата Танг, ѝ била советничка на првата кинеска царица Ву Зетиан, но и втора сопруга на синот на владетелот. Тоа што била царска снаа не ја спречило да се впушти во афера и со љубовникот на царицата. Живеела во бурниот период на династијата Танг, во кој имало низа државни удари, убиства и љубовни интриги. Мажот на советничката Шангуан Ванер, принцот Ли Шан, за кратко време станал цар, но го убила неговата прва сопруга и така го добила престолот. Нејзината гробница е откриена во септември 2013 година во близината на аеродромот во Сјанјанг и претставува многу важно откритие за понатамошно проучување на династијата Танг.

Гробницата на Рахила
Гробницата на Рахила е сместена на северниот влез во Витлеем, град оддалечен околу десет километри од Ерусалим. Рахила или Рахел била библиска пророчица и прва жена на пророкот Јаков. Нејзината гробница се смета за едно од трите најголеми и најсвети места и во јудаизмот, и во христијанството, и во исламот, а бидејќи е поврзана со плодноста, иако денес се наоѓа во ризично подрачје, голем број жени што се обидуваат да забременат доаѓаат тука на поклонение. Денес е позната и како џамијата „Билал бин Рабах“.

Гробницата на великата кралица на Маите
Ик или Лејди К’абел била моќна жена, која најверојатно живеела во втората половина на 600 година на новата ера. Станала дел од кралското семејство Ел Перу-Вака на северозапад на денешниот регион Петен во Гватемала. Носела највисок чин што постоел во класичниот период на Маите – воена гувернерка/наредбодавец. Нејзината гробница е откриена во 2004 година.

Мавзолејот на Сесилија Метелa
Сеслија Метела била римска благородничка од периодот на доцната Република, ќерка на римскиот конзул и војсководец Квинт Сесилија Метела Кретик и сопруга на диктаторот Корнелиј Сула. Кога на власт во Рим за време на граѓанската војна дошле мариевците, таа била присилена да бега во Грција, каде што нејзиниот маж водел војна против Митридат. Таму ги родила синот Фауст Корнелиј и ќерката Фауста. По триумфалното враќање на нејзиниот маж во Рим, станала прва дама на Рим. Откако починала, Сула ги прекршил сопствените закони против луксузот за да ѝ приреди раскошен погреб и да ѝ изгради гробница, која спаѓа во најзачуваните и најпознатите споменици по должината на Виа Апија.

Погребниот пат на кралицата Хатшепсут
Жената фараон Хатшепсут, необичната жена што владеела со Египет од 1479 до 1458 година пр. н.е., денес е помалку познатa по тоа што владеела во златното време на египетската 18-та династија, отколку по тоа што имала смелост себеси да се прикажува како маж. Хатшепсут била најстарата ќерка на Тутмос и на неговата Голема кралска сопруга, кралицата Ахмес. Погребниот храм на кралицата Хатшепсут, изграден околу 1485 пр. н.е во Деир ел Бахри, во близината на Теба, покрај камени карпи и покрај некои божества е посветен на богот Амон. Извонредната градба е дело на највештиот архитект од тоа време, Сененмут. К.Б.