Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“ на подарок доби десет ракописи во дигитална форма од Стефан Верковиќ, чии оригинали се чуваат во Хрватската
академија на науките и уметностите

Манастирот „Св Јован Претеча“ во селото Слепче во изминатата недела, поточно од 16 до 20 јули, беше местото каде што се презентираа и разменуваа научни сознанија и искуства на одржаната „Слепченско-демирхисарска летна школа 2021“ и еднодневната трета меѓународна научна конференција, организирана во нејзини рамки, со тема посветена на манастирот и културната историја на Македонија во времето на 16 и 17 век. На конференцијата учествуваа 12 истражувачи од Македонија (Сашо Цветковски, Виктор Лилчиќ Адамс, Ванчо Георгиев, Виктор Недески, Емилија Апостолова-Чаловска, Васил Георгиев и др.), а преку линковско вклучување и истражувачот на средновековни ракописи, професор од Универзитетот од Одеса, Николај Зубов.
На школата беа презентирани значајни сознанија поврзани со книжевното, музичкото, архитектонското, теолошкото, археолошкото, историското наследство, со наследството од историјата на уметноста на Слепченскиот манастир и воопшто со културната историја на Македонија. Дел од насловите на трудовите што авторите ги презентираа на научната конференција се: „За прашањето на двата ракописни делови од ‘Слепченскиот поменик’ од 16 и 17 век’“ – Николај Зубов; „Јеромонахот Висарион Дебарски-Слепченски, главниот писец на Слепченскиот книжевен центар во 16 век“ – Илија Велев; „Естетиката на мелодиските фрази во химнографијата на новиот ‘Слепченски пролог’ низ призмата на етосот на осумте гласа“ – Георгиј Секулоски; „Типолошките карактеристики и реконструкција на црквата „Богородица Живоносен Источник“ во манастирот „Добромирово“, Слепче – Елизабета Касапова; „Надверието на Онуфриј Аргитис од манастирот ‘Света Богородица Пречиста’ во Кичево“ – Дарко Николовски; „Христовата беседа на апостолите по миењето на нозете (Јован XIII, 12-17) – Јехона Спахиу-Јанчевска.

Во оваа пригода, манастирот „Св. Јован Претеча“ на подарок од архивот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) доби една копија од дигиталните записи од 10 македонски ракописи од збирката на Стефан Верковиќ, чии оригинали се чуваат Хрватската академија на науките и уметностите (ХАЗУ) во Загреб. Осум од нив потекнуваат токму од истиот манастир, а преостанатите два се во фрагменти и се со потекло од Лесновската книжевна школа од 14 век. Дигиталните записи се дел од проект на МАНУ, на тамошниот Истражувачки центар за културното наследство „Цветан Грозданов“ за идентификација на ракописите со потекло од Македонија во странските ракописни збирки. Игуменот на манастирот, отец Серафим, изрази благодарност до ХАЗУ за добиените ракописи, посочувајќи дека истите тие се одлично зачувани, што ќе овозможи и да се истражуваат и во писмена форма.
– Тие ја збогатуваат манастирската дигитална библиотека, која има над 200 наслови на дигитализирани ракописи, од кои 70 се сметаат за многу значајни ракописи од пред 16 век. Манастирот има и фонд на книги на кои ќе им треба понатамошна заштита, конзервација – укажа отец Серафим.
Професорот Илија Велев зборуваше за улогата и значењето на Слепченскиот книжевен центар, всушност за книжевната дејност што се вршела во скрипториумот на слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ во периодот на 16 век. Од досегашните истражувања е познато дека овој книжевен центар, веројатно, функционирал многу порано, но не се зачувани преписи од ракописи од поран период.
– Култно-легендарните сведоштва зборуваат дека манастирот настанал уште од времето на Самуиловото владеење, дека наводно го изградила неговата ќерка, принцезата Косара. Постои и легенда дека манастирот настанал од монаси што дошле од Бигорскиот манастир, но конкретни историски изворни податоци не се зачувани, освен од крајот на 14 век. Во 16 век, Слепченскиот манастир имал улога и значење на духовен и книжевен центар, кој во тој период израснува на едно рамноправно ниво до Кратовскиот книжевен центар.

Овие два духовни книжевни центри се најистакнатите центри во тој период на просторот на Македонија, но и пошироко меѓу јужнословенските книжевни традиции. Многу е важен 16 век, особено за манастирот Слепче затоа што тој е најрепрезентативниот претставник на традицијата од поствизантискиот период на Охридската духовна и книжевна школа, а директно и самиот охридски архиепископ Прохор е поврзан со главниот пишувач во Слепченскиот центар, Висарион Дебарски-Слепченски. Висарион во науката досега е познат како Дебарски, затоа што во еден запис стои, самиот си навел, дека потекнува од дебарскиот крај, меѓутоа овој книжевник престојувал во Слепченскиот манастир најмалку 25 години. Ние го кажуваме тоа затоа што неговите ракописи што се зачувани до денеска, се од 1540 до 1565 година. Досега имаме евидентирано повеќе од триесетина такви ракописи што зборува дека тој е еден од најплодните книжевници воопшто за кои знаеме во средновековната традиција, а едно такво име заслужува да добие еден значаен формат на толкувањето околу духовните, книжевните и културните процеси што се одвивале на просторот на Македонија – изјави, меѓу другото, Велев.
Тој укажа дека Слепченскиот книжевен центар вршел влијание во целокупниот духовен и културен амбиент на Балканот, но и дека сега е малку познат, речиси и да го нема во учебниците во средното образование, па дури и во програмите на високото образование, на филолошките науки.
– Колку бил значаен овој книжевен центар зборува и тоа што во манастирската библиотека, во трезорите се чувале извонредно стари ракописни книги. Таков е „Слепченскиот апостол“, кој е пишуван во втората половина на 11 век и сега овој ракопис расцепкан се чува на повеќе страни низ светот.

Интересно е да се напомене дека од толку голем фонд на ракописи од збирката во Слепченскиот манастир денеска ниту едно ливче не е зачувано да се чува во него. Исто така, редок е случајот барем едно ливче да се наоѓа во некоја културна државна институција или во некоја црковна македонска институција. Сѐ што било ракописно книжевно и писмено наследство од Слепченскиот книжевен центар е разнесено и надвор од Македонија, во Хрватска, во Бугарија, во Србија, во Русија. Поважно е што сите тие колекционери, собирачи, разнесувачи на ракописи ја знаеле вредноста на тие своевидни културни и духовни артефакти, кои зборуваат за една голема вредност од развојот на писменоста од овие простори – истакна Велев.