По пауза од две години, еден од најистакнатите македонски композитори, Дуке Бојаџиев, кој со години живее и работи во Њујорк, повторно ќе настапи пред македонската публика со два последователни концерти во Скопје на 11 и 12 мај во новиот објект на Македонската филхармонија. Концертниот настап ќе биде реализиран во соработка со Министерството за култура и „3 гонга“. Во рамките на целовечерниот концерт со наслов „Сон верба љубов“, Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание „Сон-Верба-Љубов“, како и дел од неговото поново филмско творештво.
Бојаџиев (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари. Покрај него, специјална гостинка ќе биде Тијана Дапчевиќ, понатаму, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, на кларинет Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг-квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело. Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на „оскар“, меѓу кои режисерите Џонатан Деми за филмот „А мастер билдер“ и Данис Тановиќ за филмот „Пекол“, како и со Рајко Грлиќ за филмот „Устав Републике Српске“, со Столе Попов на „До балчак“ и „Војната заврши“ на Митко Панов.
Во моментот работи на филмот „Бегство кон морето“ на Вељко Булајиќ, кој е во постпродукција. Меѓу големата палета филмови има работено и на филмовите „Тајниот живот на Волтер Мити“ во режија на холивудскиот актер Бен Стилер и „Ветување“ со Кристијан Бејл и Оскар Ајсак во главните улоги. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и со Телепоп мјузик, а има настапувано во светски сали, меѓу кои, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и Античкиот театар во Охрид. Соработувал и со пејачката Ангела Мекласки, филмскиот композитор Пол Кантелон, холивудската актерка Џина Гершон и со продуцентот и аудиоинженер на британскиот бенд „Д Продиџи“, Нил Меклелан. Билетите ќе бидат во продажба од 16 април на билетарницата во Македонската филхармонија и на мк.тикетс.