„Далки архив прес“ планира повеќегодишна едиција на македонската литература и издавање по пет книги годишно, што ќе вклучи проширена маркетинг-програма, а и ќе ги доведе писателите во САД и во Ирска. Oваа едиција ќе придонесе писателите да бидат издадени и во други држави
Програмата „Скопје фелоушип“ и годинава ќе биде важен дел од 6-от интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“, што ќе се одржи од 27 до 29 мај во Скопје, а го организира „Икона“. Годинава тројца врвни издавачи заинтересирани за македонската литература ќе бидат гости на фестивалот.
Тоа се Јаника Ритер, уредничка на еден од најпознатите светски издавачи – германскиот „Зуркамп“, Џон О’Брајан – основач на најважната издавачка куќа од САД со фокус на преводна литература од Европа и од Балканот, и Назлиџан Катабаш, литературна агентка од престижната турска агенција „Калем“.
За македонските медиуми Џон О’Брајан, кој беше гостин на фестивалот и пред две години, ги откри амбициозните планови во однос на промоцијата на нашата литература на американскиот пазар.
– „Далки архив прес“ планира повеќегодишна едиција на македонската литература и издавање по пет книги годишно, што ќе вклучи проширена маркетинг-програма, а и ќе ги доведе писателите во САД и во Ирска. Нашите очекувања се дека оваа едиција ќе придонесе писателите да бидат издадени и во други држави – најавува Џон О’Брајан, основач на најважната издавачка куќа од САД со фокус на преводна литература од Европа и од Балканот.
Според директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, чест е што во Скопје доаѓа Ритер, дел од еден од најважните издавачи во Европа.
– „Зуркамп“ е еден од најпосакуваните светски издавачи. Тоа е врвна референција за секој квалитетен автор, рамна на германскиот „Ханзер Ферлаг“ или францускиот „Галимар“. Чест ни е што Ритер ја прифати поканата бидејќи токму таа во „Зуркамп“ повеќе години работи во одделот за источноeвропска литература, како помошник-уредник, фокусирајќи се на литературата од Балканот. Со тоа ја продолжуваме нашата намера да не развиваме „литературен туризам“, туку да ги донесеме вистинските луѓе во Скопје, оние што на саемите во Франкфурт или во Лондон се недостижни. Се надеваме дека гостите ќе придонесат за промоција на нашата литература – вели Трајкоски.
Назлиџан Кабаташ, пак, доаѓа од литературната агенција „Калем“ од Турција. Големината и важноста на оваа агенција во 2017 година ја потврди и Саемот на книга во Лондон, наградувајќи ја сопственичката, Нермин Молаоглу, со наградата за најдобар литературен агент.
Гостите од „Скопје фелоушип“ за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи и со повеќемина писатели.
Програмата „Скопје фелоушип“ е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот, меѓу првите во регионот, воспостави програма посветена на овој профил на гости и продолжува со несмален интензитет.
Целта на програмата е да ги запознае важните имиња од светот на издаваштвото со македонската книжевна сцена, од што ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на нашата литература, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и од светот.
Во почетокот на наредната недела фестивалот ќе го најави и добитникот на наградата „Прозарт“, како и сите гости на фестивалот годинава.
„Про-За Балкан“ и оваа година е во организација на „Икона“ и ќе има ист број гости и несмалена програма. Поддржан е од Министерството за култура со 200.000 денари, од „Традуки“, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Словенија и на Хрватска и од Словенечката агенција за книга.