Фестивалот „Охридско лето“ вечерва нуди концерт на камерниот ансамбл при Филхармонијата на Република Северна Македонија „Нов Здив“.
Концертот на класична музика под диригентската палка на маестро Паскал Галоа ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Камерниот ансамбл „Нов Здив“ го сочинуваат виолинистите Бојан Илкоски и Марија Трајковска, виолистите Илза Бафтиари и Александар Лаовски, виолончелистите Паскал Краповски и Драган Гоневски, кларинетистот Игор Бакревски, пијанистката Марија Николовска, Атанас Алексов, музичар на ударни инструменти, како и сопранистката Гонца Богоромова – Краповски.
Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ произлегува од желбата и предизвиците за изведба и на современата музика на нашата музичка сцена, и фактот што во нашата држава не постојат многу состави кои се длабински посветени на новата музика.
Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“ на Филхармонија во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција, грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори: А. Шенберг, Валентина Велковска – Трајановска и А. Веберн.
Сите композиции кои се дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани, а дел од нив и премиерно ќе се изведат во РС Македонија. Наедно ова ќе биде и премиерно преставување на камерниот ансамбл „Нов здив“.