Неколкумина пчелари со кои се консултира екипата на „Нова Македонија“, за тоа како луѓето да се заштитат доколку наидат на рој пчели, оси или стршни, велат дека смиреноста е клучна за да се избегне убод од инсектите. Велат дека е важно да не се носат силни парфеми, бидејќи тие ги привлекуваат, но и ги иритираат инсектите

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ОД НАПАД НА ПЧЕЛИ, ОСИ, СТРШНИ ИЛИ ЗМИИ

Два трагични случаи деновиве ја вознемирија јавноста и уште еднаш ја актуализираа темата за поголемо внимание при движењето во природа, особено во овие периоди на високи температури. Шеесетгодишен маж почина завчера во велешката болница, откако бил искасан од пчели. Заедно со него бил и 30-годишен маж, кој по дадената лекарска помош и терапија, бил испратен на домашно лекување. Од брзата помош изјавија дека мажот бил донесен во болница целиот искасан од оси во коматозна состојба. Убоди биле забележани по лицето, рацете и телото. Од брзата помош од Велес велат дека, најверојатно, лицето било алергично на оси.
Истиот ден, во близината на неготинското село Дуброво, кај градската депонија Неготино, полицијата од полициската станица за граничен надзор Михајлово, пронајде тело на мигрант на возраст меѓу 25 и 35 години, кој починал како последица на каснување од отровна змија.

ШТО ВЕЛАТ ПЧЕЛАРИТЕ, КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ

Случаи на смртоносни убоди од инсекти се евидентирани и во регионот. Во Хрватска неодамна почина 58-годишен маж од Вараждинската жупанија, како последица на убод од стршен. Додека работел заедно со неговиот пријател, бил нападнат од рој стршни. Двајцата се засолниле во куќа, меѓутоа на 58-годишниот маж по убодите му се слошило, по што веднаш биле повикани екипи на брза помош, кои, за жал, и покрај лекарската помош што му ја дале, констатирале смрт.
Неколкумина пчелари со кои се консултира екипата на „Нова Македонија“, за тоа како луѓето да се заштитат доколку наидат на рој пчели, оси или стршни, велат дека смиреноста е клучна за да се избегне убод од инсектите. Велат дека е важно да не се носат силни парфеми, бидејќи тие ги привлекуваат, но и ги иритираат инсектите.
– Клучно е да не се паничи, бидејќи инсектите нема да нападнат доколку не почувствуваат потреба за тоа. Исто така од голема важност е луѓето да немаат ставено силни парфеми и да не бидат испотени, бидејќи инсектите ги привлекуваат силните мириси. Доколку паничите, мавтате, само повеќе ќе ги вознемирите. Доколку, пак, се случи такво нешто, потребно е да се заштитат главата и лицето. Со сите нив постапката е иста. Смирено да се дистанцирате од нив – вели Владимир Петроски, од здружението „Полошки мед“ од Тетово.
И според другите пчелари, смиреноста е клучна за да се избегне убод од инсектите.
Претседателот на Здружението на пчелари во Струга, Шефит Шемшедини, ги споделува истите совети. Како што укажува и тој, пчелите и другите слични инсекти се мирни и никогаш не напаѓаат доколку не почувствуваат потреба од тоа.
– Доколку се најдете во ситуација околу вас да има рој пчели, оси или стршни, па дури и да лазат по вас, важно е да останете смирени, да не паничите, да не мрдате и мавтате со раце. Така само повеќе ќе ги вознемирите. Доколку одите на места каде што постои можност да наидете на овие инсекти, не носете јаки парфеми, бидејќи силните мириси ги привлекуваат – вели тој.

ШТО ВЕЛАТ ЛЕКАРИТЕ

Според докторката Милица Бубало, раководителка на брзата помош од Здравствениот дом – Скопје, доколку се случи убод од инсекти, важно е да се напомене дека не значи дека каснатото лице ќе развие алергија на убодот и да не се крева паника.
– Никој со себе не носи адреналински пенкала кога оди во природа. Тоа им го советуваме на планинарските групи што планинарат. Доколку се случи убод од еден од овие инсекти, важно е лицето веднаш да се напие антихистамин за да се намали алергиската реакција. Да се стави ладно на убодот, значи, доколку сте во природа, да најдете ладна изворска вода и да ставите ладни облоги за да се намалат отокот и реакцијата. Доколку сте дома, од замрзнувач извадете нешто замрзнато и ставете на убодот. Потоа, потребно е веднаш лицето да се јави на лекар – вели таа.
Според неа, најкритични се убодите од вратот нагоре, бидејќи и најмалата реакција, може да доведе до задушување, односно, затворање и отоци на грлото, јазикот и дишните патишта.
– Од стршните реакцијата е појака, но и тоа не значи дека секое лице што ќе биде каснато ќе развие алергиска реакција. И во случај некој да биде каснат од стршен, постапката е иста како и за пчелите и осите – вели таа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШТО АКО ВЕ КАСНЕ ЗМИЈА

Како што укажуваат експертите, кај нас има 16 вида змии, а само три вида од нив се отровни.
– Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има насекаде. Во Скопје, во урбаните средини, речиси ја нема, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што го препорачуваме ние е при посета на овие места секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глужд, бидејќи и да се обиде змијата да касне, нема да успее затоа што ќе се одбие од чевелот – вели Драган Арсовски, доктор по биолошки науки, член на Македонското еколошко друштво.
Според него, змиите не напаѓаат први, напаѓаат тогаш кога се чувствуваат загрозени.
– Важно е да се знае дека поскоците сами не напаѓаат. Тие напаѓаат во случај да се чувствуваат загрозено, па и во тој случај, чекаат, не напаѓаат први, освен ако посегнеме по нив – вели Арсовски.
Според него, отровот од овие змии најчесто е безопасен, односно поскоците не секогаш пуштаат доволно количество отров.
– Вообичаено, пуштаат отров кога го јадат пленот, ако не го изедат, немаат потреба од толкаво количество отров. Секако, сето тоа зависи од тоа колку змијата се чувствува загрозено. Влијанието на отровот врз човекот, доколку биде каснат, исто така зависи од многу фактори – од самиот човек, од змијата, од сезоната. Вообичаено, каснатото место се подува, отекува, се случуваат некроза на ткивото, треска, гадење и температура – потенцира експертот за змии.
Се консултиравме и со докторката Милица Бубало да ни објасни како треба да се постапи во случај на каснување од змија.
– Екипите на брзата помош имаат противотров во случај да се пријави каснување од змија. Тоа е една од најургентните состојби и доколку се случи каснување, ние сме опремени и подготвени веднаш да дејствуваме. Во таков случај, луѓето вообичаено се јавуваат на 194 и ние веднаш постапуваме според процедурата – вели нашата соговорничка.
Експертот за змии Арсовски потенцира дека многу е важно, доколку се случи каснување од змија, во таа паника и еуфорија, да се забележи каква е змијата, па дури, ако постои можност, и да се фотографира, за докторот да знае со што точно има работа.
– И смоковите касаат, но тие знаат на местото да пуштат малку крв и, вообичаено, на местото на каснувањето се познава вилицата на смокот. Кај поскоците, доколку каснат, се познаваат две дупчиња од забите на змијата. Кај многумина, при каснување се случува адреналинска реакција, која знае да пројави симптоми на отров, а змијата воопшто да не е отровна или, пак, да не пуштила отров. Доколку во тој случај се земе од серумот, односно од противотровот, може да се случи поголема негативна реакција отколку воопшто да не се земе – вели тој.

[email protected]