Салата на Македонската филхармонија вчеравечер беше местото каде „Дивље јагоде“ за првпат во кариерата го одржаа својот акустично-електричен коцнерт, за кој што како што рекоа посебно се подготовувале, зашто беше прв од ваков вид во нивната кариера.
И сите што дојдоа на ова музичко патување, бидејќи слушнавме музика создавана од 1977 година досега, беа сведоци дека и електрично и акустично „Дивље јагоде“ звучат одлично.
Одбраната публика, која речиси ја наполни салата, уживаше во мајсторијата на музичарите: Дамјан Деуриќ, клавијатури, Андраш Иштван на бас, Емил Крањчиќ на тапани и на двајцата врвни пејачи, Ливио Берак, кој е добар гитарист и Тони јанковиќ, кој беше и во првиот состав на бендот. Лидерот Зеле Липовача, уште еднаш докажа зошто се уште е меѓу најдобрите гитаристи во регионот и зошто групата трае толку долго и се уште има што да каже.
Кога даваш се од себе и за 500 и за 5.000 луѓе, и кога свириш речиси три часа, со истиот елан, е тоа е формулата за успех. Публиката уживаше во хеви-метал и хард рок звукот, во вонвременските балади, во дел од песните од новиот 13-ти албум „Прати моје старе трагове“, а на крајот и во песни инспирирани од фолклорот, како обработките на босанската „Мој дилбере“ и на нашиот бисер „Македонско девојче“, која Зеле ја обработи инструментално, но публиката ја испеа од почеток до крај.
Концертот почна и заврши бучно со најголемиот хит на бендот „Мотори“.
Светеа и мобилните на неповторливите балади „Криво је море“ и „Једина моја“, а „Марија“ ја отпејаа сите заедно. Ги слушнавме и „Кап по кап“, „Дивље јагоде“, „Шејла“, „Чаробњаци“, „Лет на други свет“…
На крајот сите посакаа повторно да ги слушнат неповторливите рефрени што ги сакаат неколку геренарации, но на голем, звучен концерт, иако и оваа средба со предводниците на југословенскиот рокенрол ќе биде дел од нашата меморија. М.Т.