Дел од четата на Блаже Крстев и Георги Ралев

Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание.
Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание

Од денеска почнуваме со објавување на фељтонот на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја, „Суштината на македонската револуционерна борба и Илинденското востание“. Станува збор за еден поопсежен проект, во кој се обработува македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, која има значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и неговата револуционерна традиција во борбата за создавање своја македонска држава.
Во рамките на фељтонот направивме спој на науката со техничката креативност на дизајнерскиот тим на „Нова Македонија“, кој подготви колоризација на црно-бели историски фотографии од крајот на 19 век со примена на современа технологија.
Спојот на научноисториското истражување на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев со техничката креатива во ликовно-графичкото опремување на фељтонот е наш редакциски обид да ги доближиме и соживееме читателите и да ги почувствуваме нашите предци од Македонија, да ги разбереме нивниот начин на живот, стремежи, копнежи… Преку извонреден историски материјал, во пакет со оригинален колорит, истражен и додаден на старите фотографии, би сакале за нашите читатели и за граѓаните да се отвори една друга подлабока димензија за перцепцијата кон нашите предци, а историјата да ја потврдиме со вистината и фактите, низ една сосема нова визуализација.

Организацијата што ја поведе револуционерната борба за автономија на Македонија и за создавање независна македонска држава и која стана симбол и инспирација за македонскиот патриотизам е основана на 23 октомври/4 ноември 1893 година во Солун, а нејзиното суштинско конституирање било за време на Коледарските празници во 1894 година.
Нејзиното прво име е Македонска револуционерна организација (МРО), по Солунскиот конгрес (1896) е преименувана во Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО), а од Рилскиот конгрес (1905) – Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Во меѓувреме, некаде од 1899 година за дистинкција од Врховниот македонски комитет, чие седиште било во Софија (Бугарија), неофицијално почнува да се практикува синтагмата Внатрешна организација.
На конститутивната јануарска (1894) средба, покрај другото, била утврдена целта на Организацијата – „политичка автономија на Македонија“, и било решено тоа да се впише во Уставот (Татарчев 1995, 25). При утврдувањето на целта, основачите на МРО пошле од сложеноста на македонското прашање во тогашната балканска и европска констелација, при што појдовна основа претставувал членот 23 од Берлинскиот договор. На творците на МРО им биле познати меѓународните обврски на Османлиската Империја и ставот на големите сили за зачувување на постојниот статус кво на Балканот. Тие ги знаеле и ги чувствувале претензиите и соперништвото на балканските земји, околу Македонија, последиците од дејствувањето на нивните пропаганди и конфузната состојба што произлегувала од тоа. Оттука, автономијата на Македонија во моментот изгледала како најпогодно решение за македонското прашање.

Според Татарчев, со таквиот пристап кон македонското прашање сметале дека праведно ќе ги задоволат етничките групи во земјата, дека ќе ги амортизираат аспирациите на соседните држави и на големите сили, а истовремено не ги загрозуваат интегритетот и суверенитетот на Османлиската Империја. Минималната слобода што би се постигнала на тој начин би гарантирала материјален и културен развој на сите националности во Македонија. Во контекст на тоа Татарчев пишува: „Ние не можевме да дејствуваме поинаку и да ја предрешаваме судбината на македонскиот народ и му оставивме нему понатаму да си ја кове судбината: дали би се присоединил кон Бугарија или би станал звено (алка, з.м.) за една балканска конфедерација. Тоа што ќе му се наложи подоцна од неговите интереси, тој е слободен да прави како што сака“
Автономијата на Македонија била прифатена како формула од повеќе прагматични причини: 1) идејата за автономија на Македонија имала меѓународна подлога во чл. 23 од Берлинскиот договор; 2) со автономија на Македонија формалноправно не се нарушувал територијалниот интегритет и суверенитет на Османлиската Империја; 3) околу идејата за автономија на Македонија полесно можел да се обедини поголемиот дел од поделеното македонско население по конфесионални основи; 4) со идејата за автономија на Македонија се сметало дека ќе се амортизираат аспирациите на соседните балкански држави од каде што се очекувала морална и материјална помош; 5) автономијата давала можност за слободен развој на сите жители во Македонија, без разлика на вера и народност. Идејата за автономија на Македонија не добила никакво толкување во основите акти на Организацијата, туку, едноставно, впишана е како цел – „полна политичка автономија“.
Оттука, и врз основа на една реченица од спомените на Татарчев, која се извлекува од контекст,3 во бугарската историографија автономијата на Македонија најчесто се толкува како етапа за присоединување на Македонија кон Бугарија. При препрочитување на изворите, не само што не може да се најде издржан аргумент во прилог на ова толкување туку и, напротив, се наметнува заклучокот дека зад автономниот принцип стои идејата за автономна, самостојна, независна македонска држава и/или Македонија како рамноправен политички субјект во една балканска федерација.

Гоце Делчев за Македонија како „слободна државичка“ му пишува на Ефрем Каранов во 1895 година. Петар Поп Арсов, еден од основачите на МРО, во 1897 година пишува дека „идната македонска држава“ треба да се изгради врз „пролеаната крв“ и „положените коски“ на „синовите на поробена Македонија“. Автономијата на Македонија како витално прашање за Организацијата нашла одраз и во работата на VII конгрес на македонските друштва во Бугарија, кога под влијание на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, ВМОК прифатил дека „не треба да се поврзува автономијата на Македонија со таа на Кнежеството заради некакви идни политички комбинации“.
Неофицијалната определба на Организацијата за македонска држава не била непозната ниту за официјалните османлиски власти. Според обвинителниот акт, дел од обвинетите за Солунската провала (1901) се товарат за државен престап и извршени дела и постапки против целоста на Османлиската Империја со цел „да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает“ или, според друга варијанта, за „воспоставување во Македонија автономна власт“ или, како уште се вели, „воспоставување на нова форма на власт (влада) во Македонија“. Според рускиот публицист Амфитеатров, кој во 1901 година престојувал во Солун, „Македонците – националисти се надеваат да видат во Солун – нов Белград, нова Софија – престолнина на својата идна автономија“.
Идејата за автономија на Македонија и македонска држава и неспојливоста на политичката иднина на Македонија со кнежеството Бугарија добиле јавен публицитет по заострувањето на односите меѓу ТМОРО и ВМОК на Михајловски-Цончев, кој бил под влијание на бугарскиот кнез и во служба на бугарската македонска политика. Тогаш на страна на ТМОРО во идејно-теоретската борба против Михајловски-Цончев застанале луѓето од опозицискиот Комитет на Христо Станишев. Така, Тома Карајовов во јануари 1902 година пред Ефтим Спространов истакнал: „Македонија да започне своја, независна политика, чисто македонска. Никогаш да не се мисли за присоединување кон Бугарија и во тоа да се убеди Европа“.

проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја

(Продолжува)