Чешкиот заменик министер за внатрешни работи, Јиржи Новачек на нашиот министер Оливер Спасовски денеска му ја врачи донацијата на нови возила наменети за Одделот за организиран и сериозен криминал.

Од МВР нагласуваат дека новите возила ќе помогнат за уште подобри резултати на оваа единица.

– Овие возила се набавени по пат на спроведување на постапка за јавна набавка на возила, а со наменски добиени средства со донација од страна на Чешка, при што се набавени неколку видови на возила за потребните на разни служби во Министерството – се објаснува во соопштението.

Така, за Одделот за организиран и сериозен криминал се набавени осум возила „шкода октавија“ (дизел) и пет возила „шкода скала“ (бензин), сите со Еуро 6 мотор со јачина од 115 коњски сили и потрошувачка помалку од 4 литри гориво на 100 километри, опремени со високо ниво на додатна опрема, што гарантира високо ниво на безбедност на службениците кои ќе ги користат на разни задачи, посочуваат од МВР од каде додаваат и дека возилата ќе бидат во функција од денеска.

Министерот Спасовски и заменик министерот Новачек потенцираа дека очекуваат одличната соработка да продолжи и во наредниот период.