За време на врвот на пандемијата, 52 отсто од младите полнолетни луѓе, наречени уште и „бумеранг-деца“, се вратиле да живеат кај своите родители, констатира во своето новинарско истражување Итан Ким Лисер

Ефекти од пандемијата и зголемувањето на животните трошоци

Најново истражување откри дека во услови на актуелна пандемија, високи кирии и трошоци за домашно живеење, кои се резултат на растечките инфлациски притисоци, многу од возрасните деца повторно се враќаат во домовите на своите родители.
Според „Си-ен-би-си“ и анкетата на „Тривент“, спроведена во партнерство со компанијата за разузнавање „Морнинг консалт“, 40 отсто од родителите изјавиле дека во моментов со нив живее возрасно дете.

„Бумеранг-деца“

Дополнително, една четвртина од родителите изјавиле дека имале возрасно дете што привремено живеело кај нив и потоа се отселило. Анкетата на „Тривент“ укажа и дека за време на екот на пандемијата, 52 отсто од младите полнолетни луѓе, наречени „бумеранг-деца“, се вратиле да живеат кај своите родители.
Економските услови, во комбинација со тековниот крај на учебната учебна година, придонесоа за трендот на повторно враќање на младите луѓе во домовите на нивните родители. Кога биле прашани зошто нивното дете се вратило да живее кај нив, испитаните родители одговориле дека тоа е поради зголемените кирии (33 отсто), потребата на младиот човек за дополнителна финансиска поддршка по дипломирањето или матурирањето (26 отсто) и губењето на работното место (17 отсто), се вели во извештајот на „Тривент“. Во извештајот се додава дека од анкетираните млади луѓе што изјавиле дека повторно се вселиле кај своите родители, 33 отсто рекле дека причина за тоа е нивната финансиска зависност и фактот дека сè уште не можат да живеат сами, додека 28 отсто од нив изјавиле дека се обидуваат да заштедат пари за да си купат сопствен дом.

Раководењето со финансиите во семејството

Бун Џексон, финансиски консултант во „Тривент“, признава дека постои неопходност од сериозен пристап кога родителите носат одлука да ги издржуваат своите возрасни деца. Тој истакна дека родителите веќе многу имаат инвестирано во развојот на своите деца и сосема е во ред тоа што сега можеби се јавува потреба за да им понудат малку повеќе помош за да застанат на свои нозе на подолг рок.
Ова истражување дополнително откри дека речиси 70 отсто од родителите не дискутираат за финансии со своите деца, ниту пак поставуваат финансиски цели за нив. Покрај ова, приближно 90 отсто од родителите немаат прецизно одредено колку долго нивните деца ќе останат да живеат во семејниот дом.
Една друга студија, спроведена од страна на веб-порталот „Сејвингс“, излезе со податок дека половината од родителите што имаат возрасни деца обезбедуваат за нив барем одредена финансиска поддршка. Згора на тоа, 62 отсто од возрасните млади луѓе што живеат во родителскиот дом, воопшто не придонесуваат за режиските трошоци во домаќинството.