Фото: ЕПА

Одржана претседателска дебата помеѓу Доналд Трамп и Камала Харис

Камала Харис имаше офанзивен пристап, но и тешкотии во почетокот на нејзината прва, а можеби и единствена, дебата против Доналд Трамп пред изборите во ноември. Во текот на 90-минутното соочување, претседателските кандидати дискутираа за повеќе важни теми, вклучувајќи ги високата инфлација, меѓународната трговија и абортусот, како и за меѓусебната подготвеност за извршување на претседателската функција

Низа меѓусебни критики и обвинувања разменија Камала Харис и Доналд Трамп во жесток судир на јавната дебата во Филаделфија, која навидум заврши без јасен победник и не се очекува да влијае значително на исходот од претстојните претседателски избори во САД, пренесуваат светските медиуми.

Кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, имаше офанзивен пристап, но и тешкотии во почетокот на нејзината прва, а можеби и единствена, дебата против противкандидатот од Републиканската партија, Трамп, пред изборите во ноември. Во текот на 90-минутното соочување, претседателските кандидати дискутираа за повеќе важни теми, вклучувајќи ги високата инфлација, меѓународната трговија и абортусот, како и за меѓусебната подготвеност за извршување на претседателската функција.

Харис го означи Трамп како недостоен за претседателската функција, при што повремено се бореше да го задржи својот гнев и да остане доследна на пораките што сакаше да ги пренесе.
– Патував низ светот како потпретседателка на САД и светските лидери му се смеат на Доналд Трамп – рече Харис во еден од нејзините најостри напади.

Таа го нападна ривалот и за прашањето за абортусот, обвинувајќи го дека е одговорен за назначувањето на судиите во Врховниот суд што во 2022 година го укинаа уставното право за прекин на бременоста.

Трамп, пак, постојано го напаѓаше ефектот на администрацијата на претседателот Џо Бајден за имиграцијата и ја обвини Харис за порастот на бројот на мигранти што ја поминуваат границата меѓу САД и Мексико.
– Тие го уништија ткивото на нашата земја – порача Трамп.

Трамп поентираше и со забелешките за економијата на САД.
– Имаме ужасна економија поради инфлацијата, тие навистина ја разурнуваат државата – рече Трамп, мислејќи на администрацијата на Бајден.

Харис го обвини Трамп за негирањето дека ги загубил изборите во 2020 година од Бајден, додека Трамп ја изнесе познатата одбрана дека е жртва на политички прогон, наведувајќи го обидот за атентат врз него во Пенсилванија во јули.
– Примив куршум веројатно поради работите што ги кажуваат за мене. Тие се закана за демократијата – истакна Трамп.

Дебатата, чиј домаќин беше „Еј-би-си њуз“, се одржа во живо, без публика, во Националниот уставен центар во Филаделфија. По комеморативните церемонии за терористичките напади од 11 септември пред 23 години, Харис ќе ја продолжи кампањата во Северна Каролина, а потоа ќе се врати во Пенсилванија, додека Трамп ќе се упати во Аризона и во Калифорнија. Р.С.


Харис го предизвика Трамп на втора дебата

Претседателската кандидатка на Демократската партија, Камала Харис, го покани републиканскиот противкандидат Доналд Трамп на нова, втора предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првата дебата.
– Под силните светла, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи есенва на гласачките места. Тоа што го видоа вечерва, треба да го видат и на втората дебата во октомври – се наведува во соопштението од кампањата на Камала Харис.
Харис е подготвена за втора дебата, како што додаваат од нејзиниот табор. Трамп, пак, во првичната реакција на поканата истакна дека демократите сакаат уште една дебата затоа што „изгубиле“ во првата, додавајќи дека ќе го преиспита предизвикот.
Телевизијата „Фокс њуз“ соопшти дека предложила одржување втора претседателска дебата во октомври. Следната претседателска дебата не е закажана, додека дебатата меѓу потпретседателските кандидати Џеј-Ди Венс и Тим Волц ќе се одржи на 1 октомври. Р.С.


Анкетите укажуваат на тесна претседателска трка

Соочувањето помеѓу Камала Харис и Доналд Трамп следуваше откако националните анкети во последните денови покажаа дека трката за Белата куќа останува тесна и речиси два месеца откако слабата изведба на претседателот Џо Бајден во дебатата со Трамп го принуди да ја прекине својата кандидатура за реизбор во јули и да ја поддржи Харис за претседателската функција. Откако Харис влезе во трката за Белата куќа, таа има корист од напливот на ентузијазам кај гласачите на Демократската партија. Но ентузијазмот полека спласнува, со што нејзината предност пред Трамп во националните анкети сега изнесува 2,2 процентни поени, според просекот на анкетата на „Фајненшл тајмс“. Поранешниот претседател Трамп има предност и во четири од седумте сојузни држави што се смета дека ќе одлучуваат за исходот на изборите. Р.С.