Пукањето се врати во Нагорно-Карабах на 19. септември, придружено со воздушни сирени и напади со беспилотни летала, додека Азербејџан почна голема армиска офанзива против ерменската енклава лоцирана на нејзината територија. Министерството за одбрана на Азербејџан го нарече нападот „антитерористичка операција“, наменета за враќање на уставниот поредок и протерување на вооружените ерменски сепаратисти од регионот. Официјални лица во Ерменија, вклучително и премиерот на земјата, Никол Пашинјан, го обвинија Азербејџан дека започнал кампања за етничко чистење против Ерменците од Карабах.
Засилениот артилериски оган во регионот Нагорно-Карабах ги подгреа стравувањата од голем конфликт со Ерменија, помалку од три години по војната во која загинаа повеќе од 6.000 луѓе. Дом на околу 120.000 луѓе, Нагорно-Карабах е етнички ерменски регион во Азербејџан што е жариште од распадот на Советскиот Сојуз. Регионот и големите околни територии паднаа под контрола на етничките ерменски сили со поддршка на ерменската армија на крајот на сепаратистичката војна. Азербејџан ги врати териториите и деловите од самиот Нагорно-Карабах во борбите во 2020 година.
Воените мерки „успешно продолжуваат“ со уништување на оружје и воена опрема во тој регион, објави азербејџанското Министерство за одбрана на платформата Телеграм.
Последната војна заврши со договор за распоредување руски мировници во регионот, но тензиите се зголемија од декември кога Азербејџан почна да го блокира патот што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија. Артилерискиот оган, што Азербејџан го нарекува „антитерористичка операција“, започна неколку часа откако наводно четворица војници и двајца цивили биле убиени од нагазни мини за кои се вели дека биле поставени од ерменски диверзанти.
Во воената операција на Азербејџан досега загинаа 27 лица, меѓу кои двајца цивили, а повеќе од 200 се повредени. Азербејџан објави дека две лица се убиени на териториите на Карабах под нивна контрола. Жителите на некои села се евакуирани, а Азербејџан најави дека се отворени „хуманитарни коридори“ за евакуација.