Фото: Министерство за одбрана на Русија

Русија продолжува да го зголемува бројот на трупите долж украинската граница, предупреди денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, наспроти инстистирањето на Москва дека ги повлекува силите, пренесуваат светските медиуми.

Столтенберг додаде и дека Алијансата е „подготвена за најлошото“, како и оти „не е забележана никаква деексалација“. Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков порача дека Русија повлекува дел од силите, како и дека НАТО „има хендикеп што го спречува трезвено да ја процени ситуацијата“. Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чизов, пак, истакна дека „нема да има напад денеска“, како и оти „нема да има ескалација ниту следната недела, ниту следниот месец“.

Западните власти и медиуми со денови инсистираа дека руската инвазија ќе почне на 15 или 16 јануари, па портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, иронично се осврна на неисполнетите прогнози.

– Молба до средствата за масовно дезинформирање на САД и на Велика Британија да објават графикон на нашите „инвазии“ за претстојната година. Би сакале да го планираме одморот – напишала Захарова на социјалната мрежа Телеграм.

Американскиот укажувач и поранешен вработен во ЦИА Едвард Сноуден исто така го критикуваше медиумското известување за можна инвазија.

– Па… ако никој не се појави за инвазијата која Бајден ја закажа за утре во три часот наутро, јас не велам дека вашиот новинарски кредибилитет е инструментализиран како дел од кампања за дезинформации за какви што сакате да пишувате, но бараме земете ја таквата можност в предвид – порача вчера на Твитер, Сноуден, кој избега од САД и доби привремен азил во Русија, откако во 2013 година ја откри програмата за масовно набудување на Националната агенција за безбедност (НСА).

Последните спротивставени тврдења за украинската криза ги замаглија надежите за дипломатија, како што наведува „Фајненшл тајмс“. Западот упорно предупредува за можна руска инвазија врз Украина што треба да се случи во секој миг, а Москва категорично ги негира таквите тврдења, одржувајќи ја неизвесноста што светот го држи на штрек.