Дарија Дугина со нејзиниот татко Александар/Фото: Интернет

Дарија Дугина (29), која изминатиов викенд загина во близина на Москва по активирањето на експлозивна направа во нејзиниот автомобил, ги следеше стапките на нејзиниот татко, Александар Дугин, познат по комбинирањето на импреријалистичките ставови со политичката филозофија, пишува „Њујорк Тајмс“.

Два дена пред смртта, Дугина при гостувањето на руската државна телевизија тврдеше дека „западниот човек живее сон што поттикнува од неговата глобална хегемонија“, а следниот ден држеше предавање за мрежно-центрично војување, врз основа на виденото во Буча, Украина. Таа претходно го посети и фестивалот „Традиции“ надвор од Москва.

Минатиот месец, британската влада воведе санкции против Дугина, означувајќи ја како „чест промотор и истакнат придонесувач за дезинформации во врска со Украина и руската инвазија врз Украина на различни онлајн-платформи“. САД исто така воведоа санкции против неа во март, опишувајќи ја како главна уредничка во дезинформациски портал во сопствеништво на Евгениј Пригожин, рускиот олигарх познат и како „готвачот на Путин“.

Таа беше и коавторка на претстојната книга за војната во Украина насловена „Книгата З“. А во јуни го посети и Мариупол откако градот дојде под контрола на руските сили.

„Њујорк тајмс“ наведува дека Дугина, сепак, не била значително позната во Русија, но дел од руските политички коментатори истакнаа дека нејзината смрт е трагедија и побараа одмазда.

Нејзиниот татко, Александар Дугин (60), ословуван и како „филозофот на Путин“, се смета за еден од водечките поддржувачи на војната во Украина. Тој во изминатите неколку години е фокусиран на влијание врз Кремљ и промоција на визијата за Русија во подем, чиј главен непријател е „Атлантикот“ предводен од САД.

Неговото размислување е врз основа на идеите за „евроазијанизам“ според кои Русија е посебна цивилизација што треба да оформи држава долж линиите на поранешната империја, но без комунистичката идеологија на СССР.

Професорката по историја од Универзитетот во Њујорк“ Џејн Бурбанг пишуваше дека според гледиштата на Дугин, Русија „би можела да ја оживее следната фаза во глобалното војување и да стане светска импрерија откако СССР ‘се продаде’ на Западот во 90-те години на минатиот век“.

САД воведоа санкции против Дугин во 2015 година поради неговата улога во политиките што се сметаа заканувачки за Украина.

– Русија го предизвика Западот како цивилизација. Ова значи дека мораме да одиме до крајот – напиша Дугин на социјалната мрежа Телеграм, непосредно пред смртта на неговата ќерка.