Фото: Архива

Според првичните неофицијални резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), шест партии влегуваат во новиот општински совет на Тетово. Најмногу гласови освои Беса – 9.620, потоа ДУИ 8.702, ВМРО-ДПМНЕ 3.332, СДСМ 1.953, Алтернатива 1.118, ДПА 1.058, и тие ќе имаат советници: Беса 12, ДУИ 11, ВМРО-ДПМНЕ 4, СДСМ 2 и Алтернатива и ДПА со по еден.
Другите учесници на изборите се без советници, а меѓу нив е и Алијанса за Албанците, која освои 777 гласа, потоа ГИ – Ељмедина Абдуллахи 761, Левица со 646, ПЦЕР 371, ДПТМ 334, ГИ – Агон Заими со 206 и Интегра со 161 глас.
Во претходниот состав на Советот, ДУИ имаше 10, Беса осум, ВМРО-ДПМНЕ четворица, Алијанса за Албанците тројца, СДСМ двајца, ДПА двајца и двајца советници од независната листа. Според ова, промени има кај Беса, која има четворица советници повеќе, ДУИ еден советник повеќе, ДПА има еден помалку и Алијанса за Албанците сега нема советници. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ стануваат како претходно, со четворица, односно двајца советника. Во Советот сега влегува Алтернатива со еден советник.
Со зурли, тапани и огномет завчера вечер во Тетово, Беса ја славеше победата. Голем број граѓани се собраа на плоштадот каде што дојде и лидерот на партијата и градоначалник на Тетово, Билал Касами.
По завршувањето на гласањето, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прес-конференција призна дека Беса освои повеќе гласови и оцени дека причина за ваквиот резултат е слабиот одзив.
Одзивот во Тетово беше 33,04 отсто.
Завчера се одржаа и избори за градоначалници во Маврово-Ростуше и Центар Жупа.
Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) е старо-нов градоначалник на Центар Жупа, додека Медат Куртовски од СДСМ доби мандат да раководи со Маврово/Ростуше.
Ибраим беше единствен кандидат за градоначалник на Општина Центар Жупа и според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК), за него гласале 3.340 гласачи од вкупно 3.395 што го оствариле правото на глас. На функцијата ќе биде по третпат, откако победи и на локалните избори во 2013 година и во 2017 година.
Кандидатот на СДСМ, пак, Куртовски освои 3.226 гласа во трката за градоначалник на Општина Маврово/Ростуше или 1.291 повеќе од Мевмед Џафери од ВМРО-ДПМНЕ – 1.935 гласа, при одзив на гласачкото тело од 54,24 отсто.