фото: Пиксалс

Телата на 27 мигранти, кои најверојатно починале од жед, се пронајдени во дел од пустината Сахара во Чад, објави денеска Агенцијата за миграција на ОН.

Мигрантите, наводно, уште пред 17 месеци со возило пикап го напуштиле Мусоро, град во централниот дел на Чад, наведе Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

– Веруваме дека возилото се расипало длабоко во пустината, дека потоа се изгубиле и на крајот умреле од жед – се наведува во соопштението.

Меѓу 27-те загинати лица има четири деца.

Чад е нестабилна земја во Централна Африка која граничи со Либија на север, преку која африканските мигранти стигнуваат до Средоземното Море. Голем дел од земјата ја сочинува ненаселената пустина Сахара.

Според ИОМ, од 2014 година во пустината загинале или исчезнале 5.600 мигранти, а само годинава има 149 смртни случаи.