Илустрација / Фото: МИА

Лажните дојави за бомби, кои во последниов период ги празнат училниците, трговските центри и останати објекти и институции низ земјава се повеќе го реметет и онака кревкото психолошко здравје и функционирањето на луѓето, смета психологот Адмир Косоврасти.

Повеќе недели со ред во Скопје, а потоа и во Кавадарци, стасуваат лажни дојави за бомби, после кои следуваат евакуација на оние кои се во објектот или близина, проверка на антитерористичките единици на Министерството за внатрешни работи, метежи и реорганизација… Поради ваквите случувања многу ученици и наставници ги доработуваат изгубените часови од наставата, а вработени дополнително мора да ја завршат својата работа. Згора на се низ градот се прави метеж и поради реорганизацаија на сообраќајот.

-Ние живееме во центарот на Скопје, а синот ни учи во гимназијата „Јосип Броз“. Знам дека се лажни дојавите и кога и да се јави дека излегува од школо не паничам, но сепак постои некое црвче кое не те остава раат. Од друга страна, имаа испрашувања, тестови, доработуваа, правиме нова организација дома. Не можам да разберам кому ова може да му биде задоволство? Ајде ние не се движиме со автомобил, ама што да кажат оние кои вртат низ градот кога се затворени улиците за да стасаат дома, или да си земат деца од градинка и училиште. Малку ли ни беше стресот со пандемијата, со кризата и цените, па сега и со лажни дојави се нервираме. Ако некому му е поентата да покаже дека не може да ги фатат, ете му успева, покажа, доволно е – вели Ели К. од Скопје.

Лажните дојави за бомби се сериозен удар врз секојдневето и динамиката на живот на просечниот човек, кои и тоа како се разнишани по ковид-пандемијата, конфликтот Русија-Украина, енергетската и економска криза, тензиите во соседството…

– Во вакви случаи доаѓа до пораст на хормонот за стрес „кортизол“ кој предизвикува палпитации, потење, вознемиреност, страв проследен со катастрофични мисли и исчекување дека нешто лошо ќе се случи во блиска иднина. Кај дел од луѓето доведува до анксиозност, кај некои тие може да бидат тригер за појава на панични напади, а за голем дел од населението се причина за недоверба во системот – појаснува Косоврасти.

Тој додава дека поради зачестеноста од ваквите дојави голем е бројот и на луѓе кои веќе отрпнаа на овие лажни закани и апсолутно не ги сфаќаат како сериозни и животозагрозувачки ситуации, туку напротив ги лутат и се однесуваат индиферентно и занемаривачки, што во некој ситуации е во ред. Но сепак, треба да се почитуваат насоките на компетентните лица да не ни се случи приказната со волкот, овчарчето и овците.

– Од психолошки аспект неоподно е властите позасилено да работаат на откривање и казнување на оние кои ја реметет безбедноста и благосотојбата на граѓаните, со цел да се чувствуваат безбедни и да веруваат дека постои систем кој е функсионален – порача психологот Косоврасти.

Инаку, според премиерот Димитар Ковачевски безбедносната состојба во државата е стабилна, а МВР целосно и успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин.

-За монструозниот чин на дојава на бомби, која прво започна во автобусите на ЈСП, потоа по училиштата во Скопје и во некои други градови, а во последниве денови се проширија во трговски центри и во поголеми станбени згради, тие се секогаш поврзани со јавноста, која впрочем е еден од клучните работи во делот на тероризмот – изјави вчера премиерот.

Кај голем дел од овие дојави се работи за ви-пи-ен врски хостирани во странство при што, речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, заканите се е резултат на хибридна војна и останува како и досега нашите служби заедно со партнерските служби да се справуваат со овој проблем.